X
 25.07.2019 Наука

На Месечината можеби има многу повеќе вода отколку што се мислеше

Тим истражувачи од Универзитетот во Калифорнија велат дека може да има многу повеќе заледена вода на површината на Месечината отколку што порано се верувало и тоа може да е многу значајно за идните мисии на Месечината.

Преку споредување на области во сенка, кои се заштитени од Сонцето, на површината на Меркур со сличните кратери на Месечината, тие заклучиле дека наслагите мраз, кои некогаш се дебели и по неколку метри, можат да преживеат во кратерите во сенка во близина на јужниот пол на Месечината.

Поради тоа што се заштитени од Сонцето и температурата навечер таму е и 233 степени под нулата, внатрешноста на тие кратери може да има многу мраз, сметаат истржувачите.

Тимот анализирал податоци од вселенскиот брод „Месинџер“ на НАСА, кој помина 4 години во орбитата на Меркур, и утврдиле дека може да има мраз во кратерите кои се во трајна сенка.

Претходно собраните докази сугерираа дека некои од кратерите на Месечината може делумно да се состојат од вода и пареа.

Друга студија, објавена овој месец од страна на научници од НАСА, исто така утврди дека овие кратери на јужниот пол може да заробуваат вода, но значително помалку отколку што вели тимот од Универзитетот во Калифорнија.

Со оглед на тоа дека на Месечината нема атмосфера, содржината на кратерите е изложена на влијанието од метеорите и јонизираните гасови од Сонцето, познати како соларен ветар. Потоа, ерозијата ги турка водените честички надвор од кратерот, каде можат да бидат забележани од инструменти на вселенски бродови.

-Луѓето мислат дека некои области во овие поларни кратери заробуваат вода и тоа е. Но, има честички од соларни ветришта и метеорити кои ја погаѓаат површината и тие можат да лпредизвикаат реакции кои обично се случуваат на потопли температури. Тоа е нешто што не е нагласено - истакна Вилијам Фарел, водач на истражувањето.

Многу е мала веројатноста точно да дознаеме колку вода е заробена во тие кратери додека не пратиме астронаути за да проверат. Во најдобар случај, во околу 12.000 кратери во сенка на Месечината потенцијално може да има милиони тони мраз, што може да ги направи плановите за трајна база на нашиот најблизок небески сосед многу поизводливи.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука