X
 25.07.2019 Наука

За само две години научници успеале да ги избркаат комарците од кинески острови

За само две години научници речиси го избришале најинвазивниот комарец на светот од два острова кај кинескиот град Гунагџоу.

Овој вид комарец, познат како азиски тигрест комарец (Aedes albopictus), е носител на опасни заразни болести, вклучително и зика и денга, кои погаѓаат милиони луѓе ширум светот. Исто така, многу е тешко да се контролира овој инсект.

Само во последните четири години овој цицач на крв се проширил од оригиналниот дом во Азија на секој друг континент на Земјата, освен на Антарктикот. Со лимитирани вакцини и лекови за болестите кои ги пренесува, влијанието на комарецот врз јавното здравје е непропорционален со неговата мала големина.

Но, возбудлив теренски тест на иновативна техника за контрола на комарци покажува дека имаме потенцијал да го смениме тоа. Преку комбинирање на два постоечки методи, научниците ја редуцирале популацијата на азискиот тигрест комарец за 94 отсто на два речни острови во Кина. Во некои случаи не можеле да се најдат јајца до 13 недели.

Приодот вклучува доза на зрачење, која ги стерилизира комарците, и бактерија од видот волбахија, која спречува изведување на јајцата на комарците. Кога овие две методи ќе се применат заедно на лабораториски комарци, тие делуваат многу поефикасно отколку кога се самостојни.

Актуелните техники базирани на зрачење функционираат преку пуштање на стерилни инсекти од машки род во околината за да се парат со женките (кои се парат само еднаш), намалувајќи ја на тој начин големината на популацијата. Проблемот е што зрачењето ги прави комарците помалку конкурентни, а и поголема е веројатноста да умрат.

Други методи кои користат бактерии за да го редуцираат потомокот се помалку штетни за индивидуалните комарци, но тие функционираат само ако е заразен лабораторискиот комарец-мажјак, а не дивата женка. Ако и мажјакот и женката ја имаат бактериската инфекција, тие ќе немаат проблем во создавањето здрав потомок.

Како што и можете да замислите, прочешлувањето на инсектите од машки и женски род во лабораторија е макотрпна работа и дури и кога научниците ќе ја завршат, случајното пуштање на женки инфицирани со волбахија се случува во 0,3 отсто од случаите, поткопувајќи ја целата мисија.

Затоа, со новото решение се одгледуваат комарци заразени со волбахија во лабораторија и потоа тие подлежат на ниски нивоа на зрачење, при што ефективно се стерилизираат женките, додека мажјаците се оставаат способни за репродукција.

Не само што звучи добро, ова е добро и во пракса. Прреку ослободување од потребата за испитување на родот, тимот може да ослободи голем број на лабораториски комарци (вкупно околу 200 милиони) во градот со највисоката стапка на трансмисија на денга во Кина.

Малкуте комарци кои остануваат на островот веројатно дошле од надвор од областа на проучување, сметаат авторите.

И додека ова сугерира дека регионот нема да биде без комарци многу долго време, ако техниката може да се имплементира на поголемо ниво, таа може да создаде место каде ќе нема азиски тигрести комарци и ќе ги нема болестите кои тие ги пренесуваат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука