X
 25.07.2020 Наука

Изолацијата беше најдолгиот тивок период забележан во историјата на човештвото

Кога заклучувањето на државите низ светот почна во март, светот веднаш замолчи. Градските улици беа празни. Семејствата и пешаците исчезнаа од парковите. Градежните проекти беа замрзнати. Продавниците затворени.

Сега, мрежа на станици за сеизмичко набљудување низ целиот свет го измери овој невиден период на тишина. Резултатите од истражувањето за „сеизмичката тишина“, објавено во магазинот „Сајнс“, покажаа колку врева ѝ создаваме на животната средина. Исто така, им овозможи на научниците да слушнат што се случува под нашите нозе.

- Со сигурност можеме да кажеме дека во современата сеизмологија никогаш не сме доживеале толку долг период на молчење од страна на човекот - вели Рафаел де Плаен од Националниот автономен универзитет во Мексико, кој е еден од 76. автори на истражувањето.

Сеизмичката врева или вибрациите на земјата најчесто се поврзуваат со земјотреси. Но, сеизмологијата слуша и заемно мешање на земјата и водата, следејќи ги работи како океанските истекувања и промените во атмосферскиот притисок.

Луѓето се третиот најголем извор на сеизмичка бучава. Секојдневните урбани активности, како патувања или стадиони полни со навивачи, се доволно силни за да бидат регистрирани од сеизмометри.

- Транспортот - автомобилите, метежот во сообраќајот, автобусите. Луѓето што одат да пазарат, луѓето што одат во парковите. Работните средни и резиденциите. Сите тие придонесуваат за вревата - вели коавторката Паула Колемејер од Универзитетот „Ројал Холовеј“ во Лондон.

Во нормални околности човечката врева се спојува и ја придушува природната сеизмичка активност. Колку нашето однесување влијае врз нивото на бучава во заднина, тешко е да се каже - сè досега. Изолацијата на луѓето низ светот претставува единствена можност за истражувачите не само да ја контролираат човековата активност, туку и да го слушнат сеизмичкиот шум кој инаку не се слуша.

zemji
Фото: Pixabay

Истражувачите користеле податоци собрани од 268 станици за сеизмичко следење низ целиот свет. Овие уреди вклучуваат високо технички сеизмограф сместен во академски институции. Но, околу 40 отсто од податоците доаѓаат од „Розбери Шејкс“, лични сеизмографи изградени и користени од луѓе чие хоби е сеизмологијата. Групата ги користела овие уреди во тандем со анонимни податоци за мобилност собрани од „Гугл“ и „Епл“ за да го детектираат човечкото движење. Потоа, тие ги поврзаа овие набљудувања со извештаите за сеизмичката бучава, со цел да утврдат дали сеизмичките настани биле предизвикани од човекот или се природни.

Од 268 станици, 185, односно 69 отсто покажале значително намалување на висока фреквенција на сеизмичка бучава во околината, коктел произведен од луѓето и природата. Ова замолчување почна кон крајот на јануари во Кина; до средината на март, се прошири низ целиот свет.

Додека периодите помеѓу Божиќ и Нова година и во текот на Кинеската Нова година обично се најтивки, разликата била поголема овој пат. На пример, Шри Ланка забележала 50 отсто намалување на бучавата. Неделите во њујоршкиот Централ парк обично биле бучни, но биле регистрирани намалувања за 10 отсто во споредба со неделите пред тоа. Дури и сензорите што се наоѓаат длабоко под површината забележале ненадеен недостиг на човечката активност. Една германска опсерваторија која се наоѓа на 152 метри под карпа, успеала да открие пад на вибрациите штом почнала изолацијата низ светот.

Моделите на бучава исто така ја потенцираа човековата миграција. Де Плаен вели дека границата Мексико-САД покажала зголемување на човечката врева, иако обично овој регион е тивок. Граѓанските сеизмографи успеале да забележат пад на бучавата низ училиштата и универзитетите.

Самото истражување било производ на пандемијата. Главниот автор Томас Лекок, сеизмолог во Кралската опсерваторија на Белгија, се обидува подобро да разбере како да ја оддели човечки генерираната од сеизмичката бучава.

Падот на човечката врева им даде можност на научниците да ги слушнат внатрешните дејствувања на земјата подобро од кога било досега. Ова може да го подобри нашето знаење за земјотресите, особено во урбаните центри кои честопати се маскирани од човечката сеизмичка бучава. Помалите земјотреси се клучни и тие дејствуваат како предиктори за поголеми земјотреси што доаѓаат.

- Сега можеме да ги проучуваме односите помеѓу човековата активност и сеизмологијата. Сега можеме да разбереме со високо ниво на резолуција што ја генерира бучавата: земјата или луѓето - вели Де Плаен.

Како што земјите излегуваат од изолацијата, научниците се надеваат дека ваквото разбирање на човековата бучава ќе ни помогне подобро да разбереме како се движиме и како живееме - само со слушање.

Не дека човечката бучава некогаш ќе исчезне. Сеизмографот на еден од научниците некои утра покажувал активност, кога се вклучувала центрифугата на машината за перење на соседот. Дури и во длабочините на најтивкиот период од историјата на човекот, човечките опкружувања не се целосно тивки. Секогаш ќе наидете на некоја бучава.

Извор: Тechnologyreview.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука