X
 25.07.2020 Наука

Постои вселенски бермудски триаголник во кој се нарушува летањето на вселенските летала

Бродови, авиони и луѓе низ историјата исчезнувале во областа во северниот дел од Атлантскиот Океан познат како Бермудски триаголник. Постојат разни теории за причината на многубројните несреќи во минатото, а некои дури се поврзани со вонземјани. Дали можеби станува збор за лоши временски услови, човечки грешки и чиста случајност?

Никој не знае со сигурност, но се знае дека над 50 брода и 20 авиони исчезнале во оваа област од средината на 19 век. Тоа не е повеќе од кој било друг дел од океанот низ кој често се патува, но, сепак, теориите на заговор постојат.

Доколку погледнеме кон небото, се забележува сличен феномен наречен вселенски бермудски триаголник. Станува збор за дел над Земјата кој предизвикува нарушување на летањето на вселенските летала што поминуваат. Вселенскиот бермудски триаголник се наоѓа над јужниот дел од Атлантскиот Океан, од Чиле до Зимбабве.


Фото: Pixabay

Тој се наоѓа на местото каде што внатрешниот дел од Ваналеновиот радијациски појас е најблизок до површината на Земјата. Земјата има два Ваналенови радијациски појаси што се прстени од енергетски наполнети честички што ја опкружуваат нашата планета. Овие појаси ја заштитуваат површината на планетата од штетно зрачење.

Магнетното поле на Земјата е особено слабо во областа позната како вселенски бермудски триаголник, која се нарекува и јужноатлантска аномалија. Ова значи дека честичките од сончевите зраци не се задржуваат со иста мера како на другите места над планетата. Како резултат на ова, сончевите зраци доаѓаат и до 200 километри оддалеченост од Земјината површина. Ова засилено зрачење предизвикува зголемен проток на енергетски честички во оваа област.


Фото: Pixabay

Џон Тардуно, професор по геофизика на Универзитетот во Рочестер, објаснува дека во овој регион послабото геомагнетно поле влијае врз сателитите и затоа може да го наруши летањето на вселенските летала што поминуваат таму. Послабото магнетно поле овозможува приближување на внатрешниот радијациски појас до површината на Земјата и сателитите што поминуваат во регионот се изложени на повисоки нивоа на радијација и може да бидат оштетени.

Најчесто Ваналеновите појаси се наоѓаат на оддалеченост од 1.000 до 60.000 километри од површината на Земјата. Но во јужноатлантската аномалија појасот се наоѓа во орбитата на одредени сателити кои се бомбардирани со протони со висока енергија и голема брзина. Ова влијае врз електронските системи внатре во вселенските летала и го отежнува функционирањето на сателитите и леталата.

Истото му се случува и на телескопот „Хабл“, кој поминува во оваа област 10 пати дневно. Во овие моменти телескопот не може да собира астрономски податоци. Доколку не се преземат мерки, може да се доведе до целосно откажување на системот во вселенските летала што поминуваат овде. Затоа се работи на покомплексни системи кои може да функционираат и кога ќе се појават проблеми.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за астронаутите, некои изјавиле дека виделе необични бели зраци пред нив кога поминувале низ оваа област. Затоа има посилна заштита на Меѓународната вселенска станица на местата каде што астронаутите најчесто седат. Освен тоа, астронаутите носат уреди кои ја мерат изложеноста на радијација и испраќаат предупредување доколку се стигне до опасно ниво.

Зошто магнетното поле е послабо над јужниот дел од Атлантскиот Океан? Тоа е поради обликот на Земјата, која не е целосно заоблена. Во средината таа е поширока и магнетното поле на планетата се неутрализира, а наелектризираните честички и сончевите зраци се поблиску до површината на Земјата.

Автор: Дејвид Крукс
Извор: space.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука