X
 25.07.2021 Живот

Лансирањата на ракетите се многу лоши за животната средина

Трката за вселената на милијардерите веќе е во тек, со што се отвора и пат за развој на вселенски туризам. Сè повеќе туристи одат во вселената и овој тренд веројатно ќе расте со оглед на тоа дека секторот многу напредува.

Истовремено, распространетото лансирање на ракети изгледа дека доаѓа со висока цена за животната средина.

Ракетите согоруваат огромни количини на гориво за да избегаат од гравитацијата на Земјата, што е голема цена која се плаќа за Ричард Бренсон да искуси 4-минутна бестежинска состојба.

Стана милијардер и стигна до вселената без средно образование: Кој е Ричард Бренсон?

Исто така, сè повеќе луѓе почнуваат да ги обвинуваат милијардерите затоа што патуваат во вселената наместо да ги искористат ресурсите за да се борат со многу еколошки кризи на Земјата.

Емисиите испуштени од ракетите се значителни.

- За едно подолго патување со авион, тоа се еден до три тони јаглероден диоксид по патник - вели Елоиз Маре, доцент по физичка географија при Лондонскиот универзитетски колеџ.

Од друга страна, едно лансирање на ракета создава околу 300 тони за лет со околу четворица патници.

Она што ги влошува нештата е фактот дека емисиите на крај одат директно во горниот дел од атмосферата, каде што може да останат со години. Ракетите, исто така, создаваат и други штетни гасови од согорувањето на керозинот и метанот, што може да ја оштетат озонската обвивка.

Почнува нова ера на вселенски патувања: Ричард Бренсон леташе до вселената

За среќа, лансирањата на ракетите сè уште се прилично ниско на листата со загадувачи на глобално ниво. Додека просечно 100.000 авиони полетуваат секој ден, минатата година, според НАСА, само 114 ракети се обиделе да стигнат до орбитата.

Но, со оглед на тоа дека цените за лансирање паѓаат секоја година, прашање на време е кога вселенскиот туризам ќе стане секојдневие. А тоа е особено загрижувачко со оглед на регулаторниот вакуум во кој оперираат компаниите за вселенски туризам.

- Моментално немаме регулативи за емисиите на ракетите. Времето за дејствување е сега, додека милијардерите сè уште ги купуваат билетите - вели Маре.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот