X
 25.09.2019 Наша тема

Седум медали за лица со Даунов синдром на спортски игри во Белград. Потребни ни се законски измени за поголема поддршка

Со седум медали се вратија младите со Даунов синдром од меѓународниот натпревар за лица со посебни потреби „Београд опен 2019“ што се одржа изминатиот викенд. Тие се натпреваруваа во две категории – атлетика и пливање, а лицата со Даунов синдром од македонскиот фудбалски клуб „Карпошово“ одиграа пријателски натпревар со „Мунгоси“ од Србија.

На манифестацијата што се одржа шести пат учествуваа 20 држави со повеќе од 700 натпреварувачи на возраст од 15 до 26 години. Тренери од Македонија на децата се Борче Боев и Радован Велјановски, кои работат волонтерски.



За „Карпошово“ играат: Илија Георгиева, Филип Ангеловски, Дарко Ефтимовски, Матеј Аларов, Осман Исмаили, Коста Аризанов, Кристијан Стојанов и Никола Стојановски.


Успешни натпреварувачи во пливање и во атлетика

Какви услови за работа имаат овие млади и како нивните родители се снаоѓаат? Искуството вели дека во главниот град можеби и имаат какви-такви услови, но многу е потешко во помалите градови.

Нашата репрезентација во Белград ја предводеше здружението „Трисомија21“ од Скопје, во соработка со Дневниот центар за лица со Даунов синдром. Разговаравме со Сузана Стојановска, која е претседател на здружението. Таа посочува дека е потребна поголема поддршка од државата за да се обезбедат подобри услови за овие лица да напредуваат и да се вклучуваат во што повеќе спортски активности.

- Ова е едно големо искуство и доживување, особено за дечињата што првпат беа на ваков натпревар. Имавме можност да споделиме искуства со претставници од многу држави. За жал, ние немавме што многу да се пофалиме околу ангажираноста на државата за обезбедување услови за спорт на овие лица. Покрај неколкуте ентузијасти што неуморно неколку пати неделно тренираат со овие деца и СЦ „Борис Трајковски“, каде што можеме бесплатно да го користиме базенот и сала за спорт, нема посебен интерес од компании и бизнисмени за финансиска поддршка - вели Стојановска.


Младите натпреварувачи со тренерот Радован Велјановски

Здружението постои седум години и се бори за подобрување на правата на лицата со посебни потреби. Токму со нивните напори од пред неколку месеци е отворен и Дневен центар за лица со Даунов синдром, кој е под капата на Центарот за социјални работи.
Според Стојановска, еден од поголемите проблеми што не се регулирани кај нас, а се одразуваат врз младите со посебни потреби и спортувањето е тоа што оваа категорија не е влезена во Законот за млади и спорт.


Сузана Стојановска заедно со синот Никола

- Лицата со интелектуална попреченост не се вклучени во Законот за спорт и од Агенцијата за млади и спорт се согласуваат дека ова мора да се смени. Имаме добра соработка со Каевски, кој ни вети дека со измени ќе биде подобрена поддршката. Зошто е ова важно? Затоа што бележиме големи меѓународни успеси во повеќе спортови и активности и децата заслужуваат мотивација, стипендии - вели Стојановска.



Таа објаснува како работат со децата со посебни потреби. Вели дека волонтери има сè помалку. Имаат соработка со СЦ „Борис Трајковски“, каде што добиваат бесплатни термини за пливање.
- Исто така, млади со Даунов синдром се дел од фудбалскиот клуб „Карпошово“, каде што исто така со нив се работи волонтерски. Со танцовиот клуб „Денсерс јунајтед“ неколку години се бележат огромни успеси на меѓународни натпревари. Соработуваме со танцовиот театар „Колектив Ветерница“ исто така. Имаме поддршка и од градоначалникот на град Скопје, Шилегов. Но, многу често сме исправени пред проблеми кога станува збор за финансирање спортски патувања, баш поради тоа што законски нè нема и нема по која ставка да се регулира одредена помош - објаснува Стојановска.


Членовите на „Карпошово“ одиграа пријателски натпревар со клуб од Србија

Таа додава дека од искуството со своето дете Никола, кое има Даунов синдром, многу е важно овие лица да имаат искуства со патувања и со натпреварувања.
- Кога син ми првпат беше на патување - натпревар без мене, се врати како друго дете. Сега, заедно со Кристијан Стојанов ќе оди на натпревар во Сараево (на 3 октомври), патување за кое ни помогна Агенцијата за млади и спорт - вели Стојановска.


Илина Георгиева освои трето место во атлетика

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, ни појасни дека се трудат на секој можен начин да ги помагаат активностите на овие лица.
- Како Агенција ги поддржуваме на секој можен начин. Се случува понекогаш да немаме буџет за одредена активност, па лично сум се заложувал да лобирање кај спонзори. Периодов работиме на законски измени во Законот за спорт, каде што ќе бидат вклучени и спортските активности на лицата со посебни потреби и ќе им биде олеснет системот за поддршка - рече Каевски.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема