X
 25.10.2019 Наука

Американска фармацевтска компанија открила лек што ја забавува Алцхајмеровата болест

Американската фармацевтска компанија „Биоген“ објави дека го развила првиот лек што би можел да го забави развојот на Алцхајмеровата болест.

Моментално во светот не постои ниеден лек од ваков тип бидејќи досега познатите лекови помагале само во ублажувањето на симптомите.

Објавата на „Биоген“ е изненадување бидејќи во март 2019 година компанијата наводно престанала да работи на развојот на овој лек, по разочарувачките резултати.

Достапно за неколку години?

Американската компанија сега планира да побара одобрение од американските власти за овој револуционерен лек наречен „адуканумаб“, а сите потребни документи треба да бидат подготвени до почетокот на 2020 година.

Процесот на одобрување може да трае една или две години, но ако биде успешен, компанијата има намера прво да им го понуди на пациентите што биле вклучени во нејзините клинички испитувања.

bolest
Фото: Getty Images


Новите анализи покажаа дека повисоки дози на „адуканумаб“ можат да им помогнат на пациентите со рани знаци на Алцхајмерова болест со забавување на нивното влошување, зачувување на нивната меморија, како и нивната способност да се справат со секојдневниот живот.

Голема надеж


Целта на „адуканумаб“ е протеинот амилоид, кој формира огромни наслојки во мозокот на луѓето со Алцхајмерова болест. Научниците веруваат дека овие наслојки се токсични за мозочните клетки и дека нивното отстранување со помош на овој лек би претставувало голем чекор напред во третманот, иако не во целосното лекување на деменцијата.

Повеќе од десет години фармацевтските компании не нудат нов лек за борба против деменцијата.

Извршниот директор на „Биоген“, Мишел Вунатос, изјави дека тој и колегите се надеваат дека во иднина на пациентите ќе им ја понудат првата терапија што може да го забави развојот на Алцхајмерова болест.

- Луѓето со Алцхајмерова болест чекаат долго време за некој лек што би им го променил животот, а најновите вести ни даваат нова надеж - изјави Хилари Еванс од британското здружение за истражувања на Алцхајмеровата болест.

Професорот Барт де Стропер, директор на Институтот за истражување на деменција на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека ова е исклучително добра вест затоа што во моментов нема ефикасен лек во светот за да се забави развојот на деменцијата.

Што е Алцхајмерова болест?


Алцхајмеровата болест е прогресивна болест на мозокот што се карактеризира со губење на меморијата и расудувањето и промени во личноста. Покрај тоа што е водечки здравствен проблем, ова нарушување е најчестата форма на деменција, која бара навремено препознавање и лекување.

Денес околу 47 милиони луѓе страдаат од различни форми на деменција во светот.

Со оглед на тоа што инциденцијата на Алцхајмерова болест и други деменции значително се зголемува со возраста, а има забележителен тренд на стареење на светската популација, се очекува овој број да продолжи да се зголемува, а според експертите, претстои „епидемија на деменција“.

Алцхајмеровата болест се карактеризира со незабележителен почеток и постепено влошување на менталната состојба. Во првите неколку години болеста може да не покажува драматични симптоми, додека во доцните фази на болеста пациентот сè повеќе зависи од туѓа помош.

Иако болеста не се развива на ист начин кај сите пациенти, во просек нејзиниот развој трае околу 10 години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука