X
 25.10.2020 Живот

Синдромот Алиса во земјата на чудата прави предметите да изгледаат минијатурни или џиновски

Алис Џонсон забележала дека понекогаш, во текот на ноќта, различно гледала на околината. За време на оваа состојба сите предмети околу неа изгледале мали, а таа изгледала голема во споредба со нив. Ова ѝ се случувало често додека била дете, а најчесто кога била уморна или под стрес. Тие станале поретки како што растела.

Таа конечно го пронашла објаснувањето за нејзините необични искуства во напис во „Њујорк тајмс“, во кој прочитала за синдромот Алиса во земјата на чудата и сфатила дека тоа е она што ѝ се случува нејзе. Синдромот бил откриен во 1955 г. од страна на британскиот психијатар Џон Тед. Синдромот е познат и како Тедов синдром.

Лицата со овој синдром понекогаш доживуваат макропсија (кога предметите изгледаат поголеми отколку што се), телеопсија (кога предметите изгледаат дека се подалеку отколку што се) и микропсија (кога предметите изгледаат помали отколку што се). Некои луѓе ги доживуваат деловите на сопственото тело како поголеми или помали.

Состојбата наликува на ситуацијата во која се наоѓа Алиса во книгата „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол. Во книгата телото на Алиса расте или се намалува кога таа јаде печурка. Оттаму доаѓа името на синдромот.


Фото: Wikipedia

Синдромот понекогаш може да се јави како последица на мигрена, епилепсија, мозочен удар, воспаление, одредени лекови или стрес, но не е опасен и научниците не се сигурни зошто се јавува.

Докторот Грант Лиу од Филаделфија открива дека синдромот најчесто се јавува кај децата и можеби е почест отколку што се мисли. Според едно истражување, голем број родители на деца со синдромот признале дека и тие имале слични искуства како деца, но им било срам да зборуваат за тоа.

Автор: Алис Џонстон
Извор: insider.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот