X
 25.10.2022 Живот

Младите не се мрзливи, само не сакаат да се убиваат за работа во која не се третирани како луѓе

Поимот „тивок отказ“ се употребува за младите генерации денес. Без разлика за која професија станува збор, младите денес не сакаат да се убиваат од работа на место на кое не се третирани како човечки суштества. Затоа, тие не вложуваат дополнителен труд, туку одработуваат толку колку што е доволно за да не добијат отказ. Старите генерации тоа го нарекуваат мрзливост и често сметаат дека младите на тој начин никогаш нема да може да си дозволат да купат сопствен дом.

Еден 22-годишен корисник на „Тик-ток“ од САД во помалку од три минути објаснил зошто овој став на постарите генерации е погрешен и што значат тие тивки откази.

- Видов многу видеа во кои постари лица зборуваат како ние младите сме мрзливи и како не сакаме ништо да работиме и како никогаш нема да си дозволиме нова куќа или нов автомобил бидејќи не вложуваме дополнителен труд во работата. Од друга страна, младите се жалат дека не го гледаат трудот кој го вложуваат. Мислам дека има вистина во двете мислења, но постарите генерации имаат голем проблем во разбирањето на тоа дека ние младите сме во полоша позиција - почнал тој во видеото.

Тој објаснил дека работи за минимална плата и кога ги прашал колегите кога ќе купат своја куќа, му се смееле в лице бидејќи не знаеле дали ќе можат да платат станарина за следниот месец. Како што вели тој, во минатото куќите биле многу поевтини и дури и доколку сте работеле за минимална плата, сте можеле да купите недвижност доколку сте се труделе. Од друга страна, младите денес се жалат дека работодавците не ги третираат како луѓе на работното место.

@hunterkaimi just my thoughts take it or leave it #quietquitting ♬ original sound - Hunter Kaimi


- Сега некои ќе кажат дека сме пречувствителни и дека во тоа вложуваме премногу емоции, но тоа едноставно не е точно. Зборувам за тоа дека од работодавецот очекувам минимум, односно кога сум болен или ако имам итна семејна ситуација, да не морам јас да бидам одговорен ако тој ден нема кој да ме замени - објаснува тој.

Како што додава, младите треба да работат премногу за да штедат за куќа во која веројатно не сакаат да живеат бидејќи големи се шансите дека нема да може да си го дозволат таквиот живот. Освен тоа, младите треба да штедат за куќа иако не знаат дали воопшто ќе го имаат истиот свет за 50 години.

- Зошто да имам деца кога не знам дали за 50 години воздухот ќе биде доволно чист за да преживееме? Сè се сведува на тоа дека постарите генерации ја имале таа привилегија да пораснат во свет каде што имало надеж и можности, а ние го немаме тоа - порачал тој.

Извор: Srednja
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот