X
 25.10.2022 Економија

Половина од Германците не можат да заштедат ништо

Инфлацијата сѐ повеќе ги притиска Германците. Сѐ помал број од нив успеале да тргнат заштеда настрана, покажува истражувањето објавено во понеделникот од Институтот за германска економија.

Сега само секој втор граѓанин има можност редовно да штеди дел од својот приход, наведува Институтот. Во екот на пандемската криза пред две години, 70 отсто од испитаниците можеле да го направат тоа.

Високите цени особено ги погодуваат оние со плати пониски од 1.500 евра месечно. Тие во 2020 година успеале да заштедат 35 отсто, а денес успева да заштеди секој петти граѓанин со ваква плата.

Граѓаните се најмногу погодени од поскапувањето на енергентите - гасот и струјата. Две третини од околу 2.000 испитаници во онлајн анкета во септември се пожалиле токму на овие две работи.

Инфлацијата, која во септември првпат во последните 70 години достигна 10 отсто, е поттикната од цените на енергијата и на храната. Ова, исто така, значи дека овие неизбежни ставки трошат пропорционално поголем дел од буџетот на домаќинството.

Влошувањето на состојбата може да се забележи и меѓу средната класа. Во истражувањето на Институтот, само 52 отсто од испитаниците со приход од 2.000 до 2.500 евра рекле дека можат да штедат, наспроти 80 отсто две години претходно.

Граѓаните со највисоки примања, повеќе од 3.000 евра месечно, и натаму се држат во вообичаените граници. Сега, 85 отсто од нив можат да заштедат, во споредба со 93 отсто во 2020 година.

Во септември Институтот анкетира 2.010 возрасни лица во Германија како дел од неговото редовно истражување.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија