X
 26.01.2017 Здравје

Како да се спречат последиците од лекување на ракот на дојката?

Лекувањето на ракот на дојката може да биде многу ефикасно, особено ако третманот започне на време, меѓутоа голем дел од овие терапии, интервенции и третмани доаѓаат со доста висока цена.

Во истражување кое ги испитува несаканите ефекти на третманот, истражувачите од Универзитетот во Мичиген велат дека 42 отсто од жените кои се лекувани од рак на дојка пријавиле сериозни несакани ефекти. Помеѓу пријавените ефекти се: гадење, повраќање, дијареа, констипација, болка, отекување на рацете, останување без здив и иритација на кожата околу градите, седум месеци после дијагнозата и операцијата, хемотерапијата или зрачењето.

„Како доктор, не ја гледам целата слика како се пациентите кои страдаат. Веројатно, во клиниката гледам само еден дел. За мене, бројот на жени кои пријавиле тешка или доста тешка токсичност, е неверојатно. Станува збор за поголем број отколку што мислев и ова е важен потсетник дека овие терапии се и тоа како токсични; затоа треба внимателно да ги слушаме пациентите што ни кажуваат за последиците“, вели д-р Алисон Куријан, еден од ко-авторите на истражувањето и вонредна професорка на Стенфорд.

Ваквите информации можат да им бидат корисни на жените, кога се одлучуваат за ваков третман. Проблемот е што и понатаму има малку податоци за тоа колку се обемни овие несакани ефекти кај голем број жени од различен етнички и социјален статус. Некои експерти велат дека несаканите ефекти не се често предмет на детален разговор за време на изборот на третманот и тоа што жените не го знаат може да влијае врз одлуката на пациентката.

Постојат се` повеќе докази дека ваквите несакани ефекти негативно влијаат врз физичкото здравје на жената, што може да влијае врз нејзиното опоравување и на тоа дали ќе може да го заврши лекувањето или не. Во истражувањето, жените кои пријавиле најголем проблем со несаканите ефекти, исто така пријавиле дека генерално се чувствуваат многу полошо - имале проблем со спиењето, болки, отежнато дишење и замор. Околу 29 отсто од жените кои примиле хемотерапија пријавиле силни несакани ефекти. Оние на кои им биле отстранети двете дојки биле меѓу пациентките кои чувствувале силна болка - 37 отсто, во споредба со 25 отсто од жените на кои им била отстранета една дојка и 18 отсто од пациентките на кои им било отстрането ткиво од дојките. Докторите велат дека ова е важно да се знае поради изборот на начинот на лекување и методите на операцијата.

Самата дијагноза на рак на дојката е многу стресно и емоционално искуство, па затоа е важно начинот на лекување и несаканите ефекти да бидат нешто за кое докторите ќе ги информираат пациентките. Многу пациентки веруваат дека е важно порано и поагресивно да се лекува ракот на дојката, меѓутоа некогаш тоа не е така, па хирургот може да предложи помалку инвазивен, и со тоа помалку болен метод. Дури и кај инвазивниот рак кој го имале жените од споменатото истражување, не мора секогаш да се лекува веднаш после воспоставената дијагноза.

Повеќето доктори на пациентите им даваат неколку недели до месец дена за да одлучат за начинот на лекување, што за некои се чини предолго, додека за други е недоволно за толку важна одлука. Затоа е важно онкологот да воспостави добра комуникација и да разговара за се` со пациентот и да му претстави детално што го чека од одреден начин на лекување. Во истражувањето , д-р Куријан открила дека често бариерата во комуникацијата или недостатокот на комуникација е голем проблем при изборот на начинот на лекување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје