X
 26.01.2019 Живот

Банско и Боровец - омилените инхалатори на Македонците

Во Банско ќе наслушнете италијански, грчки или албански говор, но најчест е македонскиот, па нема да е чудно да се сретнете со некој пријател додека се шетате низ родното место на Никола Вапцаров

Кога некој ќе спомене зимување со скијање и престој во хотел со џакузи, амами, сауни и вкусна храна, на сите паметот веднаш ни оди на истокот, во Бугарија. Можеби најчестите локации што во текот на зимата ги гледаме како места каде што се означиле некои од нашите пријатели на социјалните мрежи се Банско или Боровец. Полека, но сигурно овие две дестинации станаа едни од најомилените меѓу Македонците.

Туристичката агенција „Фибула ер травел“ ви нуди зимување со пет ѕвезди од кое нема да сакате да се вратите.

На само 250, односно 230 километри оддалеченост од Скопје, до Банско или Боровец се стасува за само неколку часа, вклучувајќи го и чекањето на граница.

Банско – термално затоплување за сите сетила

За кратко време смогот го заменувате со сино небо, чист воздух и опоен мирис на снег. Со првото стапнување во Банско инстинктивно почнувате длабоко да вдишувате и да издишувате. Кратка адаптација и го грабнувате куферот, брзајќи да влезете во хотелот, да се распакувате и одново да излезете за да ја впиете сета таа убавина.



Влегувате во хотелот „Регнум“ и одеднаш желбата за брзо излегување надвор ви се губи. Освен топлината што ја нуди самиот амбиент во хотелското фоаје, тука е и топлината на персоналот, кој не престанува да ви се насмевнува и да ви помага да си ја најдете собата, да си го однесете багажот и да се чувствувате како да сте дома. А токму тоа чувство го имате уште по првите неколку минути престој во хотелот. Само што во овој дом имате можност и да влезете во топло џакузи или да си попливате во затворениот базен, да одморите во амам, да каснете од превкусната балканска храна, да се напиете турски чај, а потоа и да ги потрошите калориите на некоја справа во фитнес-центарот.

Во Банско ќе наслушнете италијански, грчки или албански говор, но најчест е македонскиот, па нема да е чудно да се сретнете со некој пријател додека се шетате низ родното место на Никола Вапцаров.

Задолжителна е и посетата на термалните бањи, кои се наоѓаат во селото Бања, на пет километри од Банско, каде што ќе заборавите дека е зима и на минусните температури, под отворено небо ќе влезете во топол базен. Тука е и џакузито, каде што клокотот на водата ќе ви ги разигра сетилата. Излегувањето од вода ќе ви падне тешко, но кога ќе помислите дека надвор ве чекаат вкусна храна и добра забава, брзо-брзо костимот за капење ќе го замените со облека за излегување.



По будењето може да ви биде малку чудно зашто нема да се чувствувате преморени како секој обичен ден, туку со нетрпение ќе чекате да се фатите за скиите. Градот е сместен на источните падини на планината Пирин, на надморска височина од 925 метри. Располага со 17 скијачки патеки (должина 75 км) и 27 ски-лифта. Наjвисоката точка на ски-центарот е 2.560, а наjниската - 1.000 метри. Градот е со наjголeма динамика на приватните инвестиции во туристичкиот дел на градовите во Бугарија и има повеќе од 17.000 легла за туристите во 2010.

Боровец – шума во која ќе посакате да се изгубите

Од Банско до Боровец има околу 130 километри пат. По околу два часа возење, двете страни од патот полека почнуваат да се исполнуваат со борова шума и веќе знаете дека сте во близина на Боровец, најстарото планинско одморалиште во Бугарија.

Шумата ве гушка, топлејќи ве под чистото небо и остриот планински воздух. И додека ги разгледувате излозите од малите продавнички, од секоја страна слушате македонски јазик. И тука, како и во Банско, најчесто регистрациите на паркираните автомобили се со македонски регистарски таблички, а хотелите се преполни со Македонци. Средбата на некој познајник е речиси неизбежна.




Боровец е сместен на надморска височина од 1.350 метри, на падините на Рила. Овој рекреативен скијачки центар постои од 1896 година, кога царот Фердинанд создал летна резиденција. Освен маѓепсувачката борова шума, во Боровец има и многу скијачки патеки и ски-лифтови. Највисоката точка на ски-центарот е Јастребец, на 2.369 метри. За да се качите дотаму, треба да се качите во гондола и уште еднаш ќе си ги наполните очите.

Гондолата „Јастребец“ работи од 8:30 до 16:30, должината ѝ е 4.827 метри, а капацитетот на пренос е 1.200 луѓе на час.



Во тие 25 минути додека лебдите нагоре, глетката станува сѐ поубава. Полека се искачувате на висина на прекрасните дрвја, па ги надраснувате, сонцето почнува да ве гали, ви се чини сте ги надминале облаците и не можете да сфатите до каде ви е видикот. Погледнувате надолу и гледате скијачи кои безгрижно се спуштаат по падините и тек-тук понекои стапки во снегот. Додека да се освестите, гондолата запира и веќе сте едно ниво погоре во играта. Во ова ниво фотографиите се уште подобри, сонцето уште посилно, а белите дробови се пуштени на максимум.



Глетката од горната станица на лифтот „Јастребец“ не ни размислувате како би ја опишале. Таму едноставно уживате. Не знаете дали сакате да останете и да уживате во глетката или да ги земете скиите и да се спуштите по некоја патека. А има и трета опција - да се напиете топол чај или варено вино. Што и да изберете, нема да погрешите. И колку и да останете, нема да ви е доволно. Спуштањето надолу секако нема да ви биде по ќеф, но ќе биде еднакво магично како и возењето нагоре.



По спуштањето, патот сам ќе ве одведе до хотелот „Рила“. Уште кога ќе влезете ќе ги почувствувате скијачкиот адреналин и туристичката разгаленсот. Во една огромна просторија ќе видите луѓе кои тогаш стасале или си одат, па стојат кај рецепцијата со куфери; луѓе што релаксирано пијат чај покрај каминот; луѓе кои штотуку завршиле со скијањето и сѐ уште си ја носат опремата, но и луѓе во бели бањарки кои одат од спа-центарот кон лифтовите. Ја земате картичката, се упатувате кон својата соба и одвај чекате и вие да ја облечете бањарката и да се упатите до некоја сауна, турска бања, базен или џакузи. Но, кога ќе влезете во собата, накратко ќе заборавите на сите тие нешта. Како голем екран залепен на ѕидот, пред вашата соба се издига скијачка патека, која нескромно ве мами. Нормално, задржувањето в соба е многу кратко.



Само разгледувањето на хотелот може да ви одземе еден ден. Секако дека не би испуштиле да се искапете во покриениот базен или, пак, да отидете на масажа, каде што ќе ви се причини дека целиот стрес од вашето тело се истиснува со само две раце. А по вкусната вечера, доколку имате среќа, ќе седнете покрај каминот за да се напиете чаша вино и ќе се трудите да не заспиете на удобното столче.

При враќањето назад, вашиот автомобил ќе има неколку килограми плус за носење - што од храната која сте ја изеле што од подароците за најмилите. Во секој случај, ќе знаете дека тоа нема да ви е последното враќање оттаму.



(комерцијален текст)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот