X
 26.01.2020 Образование

Упад во синдикалното здружување на универзитетите, Тетовското обвинителство води истрага против Адеми, Нухиу и Емрули...

Ректорите прават упад во синдикалното организирање на универзитетите, Тетовското обвинителство отворило случај против тројцата државни функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, дали младите бегаат од Македонија само поради економски причини? – ова се дел од прашањата што неделава ги отворивме на Факултети.мк.


Се претпоставува дека околу 600.000 Македонци живеат во странство

Девалвацијата на вредностите во општеството во кое живееме, големата партизација, неажурноста на институциите, лошата животна средина се главните причини за емиграција, вели д-р Билјана Апостоловска-Тошевска, професорка на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Иако демографијата не е во фокус на нејзините научни истражувања, таа на студентите им предава социоекономска географија на Република Македонија, каде што се дава една општа слика за сите социоекономски карактеристики на земјава.
Според професорката, во денешно време нормално е да се очекува луѓето да заминуваат во странство по подобра заработка и подобри услови за живот. Но, кога тоа се одвива со поголема брзина и поголем одлив на младо работоспособно население, проблемите се евидентни.
- Наједноставен начин е да се се стремиме кон отстранување на причините за заминување и да создаваме квалитетно општество во сите сегменти. Првичните чекори треба да бидат кон вреднување на знаењето, вештините и искуствата што луѓето овде ги поседуваат без потреба од нивна партиска наклонетост и определба. Потребно е да се работи на приоритети кои им се важни на граѓаните на Македонија: економска и социјална стабилност и здрава животна средина. Потребно е да се менуваме сите на подобро, да ги менуваме навиките за свое добро, за добро на општеството во кое живееме и за идните генерациите, пред кои имаме обврска да им оставиме подобро место за живеење - вели Апостоловска-Тошевска.



Основното јавно обвинителство од Тетово води истрага против тројцата државни функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 33 од Кривичниот законик.
Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски поднесе пријава до Управата за финансиска полиција за тројцата функционери, за кои тврди дека добивале хонорари од Тетовскиот универзитет за настава додека работните места им биле во мирување. Илиевски за сите постапки го информира и народниот правобранител. Минатата недела го добил конечното решение од канцеларијата на омбудсманот.

Во известувањето на народниот правобранител пишува дека откако се обратиле до Управата за финансиска полиција, оттаму добиле одговор дека по претставката на Илиевски, а во врска со злоупотреба на парични средства на јавни функционери, презеле дејствија од нивна страна, а доказите ќе ги достават до јавен обвинител. Основното јавно обвинителство, пак, случајот му го префрли на Тетовското јавно обвинителство бидејќи пријавените дејствија се извршени на подрачјето на град Тетово, каде што и се наоѓа Тетовскиот универзитет.


Димитар Џорлев

Сите науки имаат своја привлечност и убавина. Тешко е да изберам само една што ме привлекува. Од многу мал ги засакав математиката, информатиката и природните науки. Секоја од нив е доволно обемна и тешка, но токму нивната поврзаност ме привлекува. Претходната година учествував на селекции за олимпијади од четири науки - математика, физика, хемија и информатика - вели Димитар Џорлев, средношколец во втора година во гимназијата „Јане Сандански“ од Струмица чие име многу често е на листите со освоени медали по научни олимпијади. Таква беше и последната Олимпијада по експериментална физика што се одржа во Софија, каде што беше апсолутен шампион.
- Секогаш се трудам да мислам на спремањето за олимпијадата што ме очекува наместо на тоа дали државата ќе ги покрие трошоците за пат и котизација. Но, сигурно дека тоа му пречи на секој од натпреварувачите, а и професорите што нè водат на олимпијадата, па се надевам дека наскоро однапред ќе има обезбедено средства од страна на државата, а не поединечно да се бара за секоја олимпијада, вели средношколецот од струмичката гимназија „Јане Сандански“.



Академската заедница деновиве се крена на нозе откако ректорите ги собрале раководителите на факултетите и институтите и им посочиле дека Министерството за образование и наука ќе ги зголеми платите во високото образование ако се склучи колективен договор – документ за кој синдикатите со години преговараат. Затоа универзитетите иницирале формирање на синдикати во рамките на секој факултет и институт за да се потпише колективниот договор со кој ќе се реализира зголемувањето на платите.

Ако државата преку ректорите на јавните универзитети се обиде на мускули да го донесе колективниот договор за вработените во високото образование, Независниот академски синдикат (НАкС) ќе бара помош и поддршка од меѓународната заедница, вели проф. д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и членка на НАкС. И Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ја нарече скандалозна иницијативната на ректорите на универзитетите за формирање нов синдикат како услов за зголемување на платите во високото образование за 10%.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, веднаш рече дека е разочаран од ставот на Најчевска за обидот на ректорите да се подобри материјалната состојба и статусот на вработените во високообразовните институции и додаде дека во моментот на сите јавни универзитети се формираат синдикати на ниво на работодавец, кои потоа ќе се здружат во повисока форма на организирање - синдикат на јавни универзитети во целата држава.


Зоран Јанкуловски создал музеј во својот дом во Тетово

Влегувате во стан и гледате советска и нацистичка униформа од Втората светска војна. Тука има и старо пијано, книги од пред неколку века, камера од времето кога биле измислени, пушка од османлискиот период. Вака изгледа домот на Зоран Јанкуловски во Тетово, долгогодишен колекционер на старини. Својот стан го уредил како мини-музеј. Инаку, тој е забен техничар и работи во Тетовската болница. Вели дека чувањето антиквитети е можност да се почувствува како се живеело во минатото и дека така предметите ги гледа како сведоци на тогашниот начин на живот. Јанкуловски објаснува дека чувствува восхит, но и возбуда што работи на зачувувањето на старите предмети. Веќе две децении интензивно собира и има колекција од над сто старини кои се обидува да ги оспособи со цел да бидат подолговечни, да го зачуваат автентичниот изглед, а дел од нив и да бидат во функционална состојба.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование