X
 26.02.2020 Живот

Колку часа неделно навистина би требало да работиме?

Конечно имаме одговор на прашањето добиен врз основа на податоци

Дали некогаш сте се прашале колку часа неделно би требало да работите? Можеби сте од оние што се фалат дека работат 70 часа неделно или сте од оние што би сакале да работат 4 часа дневно. Која од овие две страни е поблиску до реалната бројка?

Бројот на работни часови влијае врз продуктивноста, но и врз среќата и перцепцијата за времето. Според денешните правила за работа, може да се подобриме. Во САД се претпоставува дека околу 40% од работниците редовно работат повеќе од 50 часа неделно, а 20% работат повеќе од 60 часа неделно. Истражување покажува дека продуктивноста паѓа кога се работи повеќе од 50 часа неделно. Освен тоа, работниците што немаат барем еден слободен ден во неделата се помалку продуктивни.



Фото: pixabay.com

Не е тајна дека луѓето денес се многу зафатени и скокаат од една обврска на друга. Овој животен стил е причина поради која 48% од работниците чувствуваат дека се притиснати со време, а 52% се под стрес.

Експертот за менаџирање со време Лаура Вандеркам спровела истражување да открие колку долгите работни часови влијаат врз начинот на кој луѓето го перципираат времето. Во анализата биле вклучени 900 луѓе. Било откриено дека просечниот човек работи 8,3 часа дневно.

Резултатите покажале дека има разлика од само еден час меѓу луѓето што чувствувале дека немаат многу време и оние што мислеле дека имаат време. Оние што чувствувале притисок во однос на времето работеле 8,6 часа во просек, додека оние што мислеле дека имале доволно време работеле 7,6 часа дневно, односно 38 часа неделно.



Фото: pixabay.com

38-часовната работна недела потсетува на бројот на работни часови во Данска, една од најсреќните земји во светот. Луѓето во Данска напорно работат, но ретко се активни повеќе од 37 часа неделно и често ја напуштаат канцеларијата до 16 или 17 часот.

Истражувачот Ден Бутнер анализирал податоци од над 20 милиони луѓе низ светот и открил дека кога станува збор за работата, најдобро е да се работи 30-35 часа неделно. Тој препорачува и годишен одмор од шест недели за да се биде среќен.

Можеби ова е екстремно за многумина, но една реалистична цел е работа од нешто помалку од 40 часа неделно. Истражувањата велат дека дури и кратењето на еден или два часа од работната недела може да има големи поволности врз работата и семејството.

Автор: Ендру Мерл
Извор: Theladders.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот