X
 26.02.2020 Технологија

Што се случува кога владите го исклучуваат интернетот?

Маркос Лема, еден од основачите на центарот за иновации „Ајс Адис“, во текот на неговиот работен ден обично се соочува со претприемачи кои имаат големи соништа. Но, кога ќе се исклучи интернетот, во Адис Абеба, Етиопија, запира сè.

Податоците споделени со Би-би-си од групата за дигитални права „Аксес Нау“ покажуваат дека минатата година интернет-услугите биле намерно исклучени над 200 пати во 33 различни земји, меѓу кои и Велика Британија.

Во април 2019 година британската транспортна полиција го исклучи безжичниот интернет на лондонското метро во текот на протестите на активистите за климатски промени „Екстинкшн Ребелион“.

Исто така, извештајот откри дека во 2019 година:

- Интернетот бил исклучен во текот на 65 протести во различни земји во светот;
- Уште 12 исклучувања се случиле во текот на избори;
- Поголемиот дел од сите исклучувања се случиле во Индија;
- Најдолгото исклучување на интернет се случило во Чад, Централна Африка, и траело 15 месеци;

Но, кога ќе се исклучи интернетот во град како Адис Абеба, запира сè.

- Имавме договор за развој на софтвер кој беше откажан бидејќи не можевме да го завршиме навреме зашто интернетот беше исклучен. Исто така, имавме ситуации кога меѓународните клиенти мислеа дека нашата компанија ги игнорира, но не можевме ништо да направиме - вели Маркос.

Возачите на мотоцикли чекаат наместо да доставуваат храна. Без интернет луѓето не можат да порачуваат преку апликации, додава Маркос.

- Исклучувањето на интернетот има директни последици врз деловните субјекти и луѓето - вели Маркос.

internet
Фото: Unsplash

И не е само Етиопија, и влијанието не е само економско. Истражувањето на „Аксес Нау“ покажува дека исклучувањето на интернетот влијае врз десетици милиони луѓе низ целиот свет на различни начини.

Владините претставници можат да го исклучат интернетот така што ќе им наредат на давателите на услуги да блокираат одредени области од примање сигнали или понекогаш со блокирање на пристапот до одредени веб-услуги.

Групите за човекови права се загрижени дека мерката станува алатка за репресија на владите во целиот свет.

Овие нови податоци анализирани од Би-би-си посочуваат дека исклучувањето сè почесто е поврзано со протести.

Владите честопати велат дека исклучувањето е мерка за јавна безбедност и со него спречуваат ширење на лажни вести. Но, критичарите велат дека тие го задушуваат протокот на информации преку интернет.

Обединетите нации го прогласија пристапот до интернет за човеково право во 2016 година, а постигнувањето универзален пристап е една цел од нивните цели за одржлив развој.

Сепак, не сите лидери се согласуваат со оваа идеја.

Во август 2019 година премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, изјави дека интернетот не е „вода или воздух“ и дека исклучувањето ќе остане важна алатка за национална стабилност.

- Владата не смета дека интернетот е важен и смета дека го сочинуваат само социјалните мрежи. Не ја гледаат економската вредност на интернетот и како влијае врз економијата - вели Маркос.

Новите податоци за 2019 година покажуваат дека Индија досега имала најголем број исклучувања на интернетот од сите земји.

Мобилните податоци или услугите за широкопојасен интернет беа исклучени за жителите во различни делови од земјата дури 121 пат, при што поголемиот дел од исклучувањата се случиле во спорниот Кашмир.

И демонстрантите во Судан и во Ирак беа присилени да се организираат офлајн кога беше исклучен интернетот.

Некои влади се одлучуваат за „Throttling“ (задушување), а тоа претставува форма на исклучување која е потешко да се следи бидејќи владата ги забавува услугите. Ова се случило во мај 2019 година кога претседателот на Таџикистан признал дека ги „задушил“ повеќето социјални мрежи, вклучувајќи ги „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“, велејќи дека тие биле ранливи на терористичка активност.

Некои земји, како Русија и Иран, моментално градат и тестираат сопствени верзии на заклучен интернет на национално ниво, за што се смета дека е знак на зголемена контрола врз мрежата.

- Се чини дека сè повеќе земји учат една од друга и ја имплементираат нуклеарната опција на исклучување на интернетот за да ги замолчат критичарите или на друг начин ги прекршуваат човековите права - коментираат од групата за дигитални права „Аксес Нау“.

Извор: ВВС
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија