X
 26.03.2019 Живот

Норилск - градот каде што сонцето не изгрева

Рускиот фотограф Елена Чернишова истражува како е да се живее во град што се наоѓа 400 километри северно од арктичкиот круг.

Околу седум месеци во 2012 до почетокот на 2013 година, како дел од нејзиниот проект наречен „Денови на ноќта/Ноќи на денот“, фотографиите на Елена Чернишова откриваат како е да се живее во еден од најизолираните градови во светот. Во Норилск зимата трае девет месеци, а за време на поларните ноќи сонцето не изгрева цели два месеца.

Мајката на Чернишова како дете живеела над арктичкиот круг, така што Елена сакала да открие како е да се живее во толку екстремни услови.

View this post on Instagram

#norilsk #unpublished #archive

A post shared by Elena Chernyshova (@elena.chernyshova.photography) on


- Поларните ноќи доаѓаат многу бавно. Во еден момент сфаќаш дека повеќе нема дневна светлина. За мене, многу е важно да го видам сонцето за да бидам добро расположена, па затоа почна да ми станува многу тешко. Психолошки, воопшто не се чувствував добро. По два месеца почнав да паничам затоа што сонцето нема никогаш да се врати. Поларниот ден е прекрасно време, луѓето се многу среќни. Тие често шетаат до доцна и уживаат во топлото време и прекрасната златна светлина. Понекогаш е тешко да се спие затоа што луѓето не се навикнати да спијат на дневна светлина. Станува збор за доста контрадикторно место бидејќи климатските услови се екстремни, но луѓето се многу пријателски настроени и радосни. Имаат одлична смисла за хумор - раскажува Елена за нејзиното искуство во еден од најстудените градови во светот.


Лоциран на 400 километри северно од арктичкиот круг, Норилск е еден од најстудените градови на планетата Земја. Просечната температура во зима е -30 Целзиусови степени, а може да достигне и до -55 степени.

- Главната идеја беше да зборувам за адаптацијата на оваа средина, на оваа клима. Речиси во секој стан можат да се видат ламби што ја имитираат дневната светлина, а луѓето имаат и многу цвеќиња во нивните станови. Секоја зграда има солариум и луѓето често го посетуваат. Не станува збор за луксуз - тоа е нешто што им е потребно. Сите индустриски места се наоѓаат на 20-30 километри од градот. Кога има силни снежни бури, автобусите се организирани да патуваат двапати на ден за работниците да стигнат до рудниците и фабриките - раскажува Елена.

Луѓето во Норилск одат на „пливање на мраз“ дури и во денови кога температурата е -40 степени.


Градот бил дизајниран во 30-тите години од архитекти затворени во камповите на Сталин, а бил изграден од затворениците во гулази. Граѓаните на Норилск останатиот свет го нарекуваат „континентот“ затоа што не е поврзан со земја со другите руски градови и останатиот дел од светот. Постојат неколку згради што никогаш не биле завршени, откако завршило финансирањето. Овие згради жителите ги нарекуваат „згради на духови“. Освен тоа, постојат и згради што биле напуштени затоа што биле уништени од пермафростот.

Норилск е еден од најзагадените градови во светот. Киселиот дожд предизвикал вегетацијата во области околу градот целосно да изумре.

- Во радиус од околу 30 километри природата е во прилично лоша состојба, речиси мртва. Иако податоците за нивото на загадување варираат, постои силно влијание врз здравјето на луѓето - раскажува Елена.

- Но, и покрај тешките услови и тешкиот живот во Норилск, луѓето се доста пријателски настроени и радосни - вели Елена.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот