X
 26.03.2021 Наука

НАСА скрила дел од првиот авион на браќата Рајт во хеликоптерот што ќе полета на Марс

На 8 април американската вселенска агенција НАСА ќе се обиде да полета мал хеликоптер на друга планета. Станува збор за хеликоптерот „Инџинуити“, кој стигна на Марс прикачен на роверот „Персевиренс“.

Вселенската агенција сега се подготвува за големиот момент. На 8 април „Инџинуити“ ќе се обиде да полета на височина од три метри. За да го одбележи овој момент, НАСА скрила мало парче материјал од познатото летало на браќата Рајт под соларниот панел на „Инџинуити“, открива главниот инженер на хеликоптерот, Боб Баларам.

Орвил Рајт станал првиот човек што летал со авион во 1903 г. Тој полетал со експериментален авион направен заедно со неговиот брат Вилбур. Авионот бил направен од дрво и летал со помош на мотор тежок над 80 килограми.


Фото: Вилбур Рајт/Wikipedia

Сега, мало парче материјал од крилото на првиот авион се наоѓа на Марс. Претходно друго парче материјал и парче дрво од овој авион стигнале на површината на Месечината на мисијата „Аполо 11“ во 1969 година.

„Инџинуити“ наскоро ќе излезе на површината на Марс, а „Персевиренс“ ќе исчисти локација која ќе биде место за полетување на хеликоптерот. Според Баларам, преживувањето на првата ноќ на Марс надвор од роверот ќе биде голем предизвик за хеликоптерот.


Автор: Виктор Тангерман
Извор: futurism.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука