X
 26.04.2021 Живот

Кога одложувате обврски, тоа не значи дека сте мрзливи, туку уплашени

Доколку постојано ги одложувате обврските, треба да знаете дека не сте единствени. Одложувањето е честа тенденција кај луѓето, но иако секој некогаш одложува некои работи, не секој е „одложувач“, вели Џозеф Ферари, професор по психологија на Универзитетот „Депол“. Според него, сите понекогаш ги одложуваме обврските, но негово ново истражување покажало дека само 20% од американските испитаници го прават тоа редовно.

-Навистина нема никаква врска со управувањето со времето. Како што им велам на луѓето, кога им кажувате на хроничните одложувачи едноставно да ја завршат работата, тоа е исто како кога му кажувате на лице со клиничка депресија да се развесели - вели Ферари.

Психолозите откриле дека одложувањето на обврските не е проблем со управување со времето, туку механизам за справување. Кога одложуваме нешто, одбегнуваме непријатна задача и правиме нешто што привремено ни го подобрува расположението. Чувството на срам и вина поради одложувањето може дополнително да ја влоши ситуацијата.


Фото: Freepik

Освен тоа, обврските секако ќе ве чекаат и на крајот ќе имате уште повеќе работа, што може повторно да поттикне негативни емоции и да предизвика стрес поради краткиот рок. Што може да направите доколку сте „хроничен одложувач“? „Форбс“ наведува неколку совети.

Признајте си зошто ја одбегнувате обврската

Не сте мрзливи, уплашени сте. Кога ги одложуваме обврските, го одбегнуваме непријатното чувство што ни го прават тие. Стравот од неуспех, успех или несовршеност се крие во коренот на проблемот со одложувањето. Чувствуваме анксиозност кога сме принудени да правиме нешто непријатно, па затоа го одбегнуваме по секоја цена.

Но треба да се запомни дека бегањето на социјалните мрежи или во сериите е привремено решение, додека соочувањето со емоциите е почеток на трајно поправање на проблемот.


Фото: Freepik

Простете си за одложувањето

Психолозите откриле дека луѓето што одложуваат почесто најчесто повеќе се критикуваат себеси. Една од најефективните работи што може да ги направат одложувачите е да си простат себеси за одложувањето, покажуваат резултати од едно истражување. Ова функционира бидејќи одложувањето се поврзува со негативни чувства, а кога си простувате, ја намалувате вината за одложувањето и елиминирате една од причините за тоа.

Едноставно започнете

Многумина погрешно мислат дека треба да се чувствувате добро за да работите добро. Вистината е дека ретко ќе се чувствувате совршено за работа. Затоа, психолозите советуваат да ги одбегнувате чувствата и да се фокусирате на следната обврска. Наместо да се убедувате дека можете да направите нешто, едноставно започнете.

Може да си ја олесните работата со поделување на обврските на помали задачи, а по секоја завршена задача ќе се чувствувате подобро за целата работа и тоа ќе ја намали желбата за одложување.

Автор: Ејми Блашка
Извор: forbes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот