X
 26.05.2018 Наша тема

Фросина Богданоска со виолините создадени од татковите раце создава магија

Виена е град кој ја живее и дише музиката, мека за сите стилови, магичен град кој е дом на толку многу извонредни музичари од целиот свет и место кое им дава еднаква шанса на сите што ќе одлучат да си ја побараат среќата таму




Таа е врвна виолинистка која во последните неколку години свири во оркестри во меката на класичната музика – Виена. Фросина Богданоска е ќерка на еден од најдобрите изработувачи на виолини, Светозар Богданоски. До неодамна беше член на Симфонискиот оркестар на Радио Австрија RSO ORF Wien, но сега сака да се посвети на соло-проекти. Откако ги завршила магистерските студии во Скопје со оценка cum laude, ѝ се отворила вратата за Виена, шанса за која вели дека е многу среќна што ја искористила.
Како е да се работи во меката на класичната музика и да се остане дел од најдобрите во таа голема конкуренција, ни раскажа Богданоска.

Да се влезе во виенски оркестри, значи да се биде врвен музичар. Каков беше Вашиот пат до Виена?

- На почеток би сакала да ви се заблагодарам за ова интервју, ми претставува чест и задоволство да го споделам моето искуство со портал каков што е Факултети.мк. Морам да признаам дека не замислував дека еден ден ќе се најдам овде. Виена дојде случајно откако еден професор од Академијата за музика и изведувачки уметности од Виена слушнал моја снимка од настап и ми понуди место во неговата класа. Мојата желба да си го проверам нивото на квалитет во поголеми средини и неможноста во тој момент да дојдам до работно место во Македонија ме натераа да ја прифатам оваа покана и навистина го направив правиот избор. Виена е град кој ја живее и дише музиката, мека за сите стилови, магичен град кој е дом на толку многу извонредни музичари од целиот свет и место кое им дава еднаква шанса на сите што ќе одлучат да си ја побараат среќата таму. Интересно е што кога и да пробам да ја сменам средината, животните околности секогаш ме враќаат и ме држат во Виена.



Пред каков нов предизвик сте исправени сега, по работата во симфониски оркестар?

- До пред извесно време бев дел од Симфонискиот оркестар на Радио Австрија RSO ORF Wien, но сега сакам малку повеќе да се посветам на себеси со соло-проекти. Во подготовка ми се неколку концерти кои би требало да се случат во Македонија и во регионот, а тука ќе го споменам и претстојниот концерт во Њујорк на квартетот „Зографски“, во кој сум член заедно со Александар Стојчески, Горан Муратовски и Кирил Јосифов. Секако, не ја исклучувам можноста да се вратам во некој од големите оркестри зашто, сепак, црпам инспирација од сите форми на музицирање. Секоја форма е различна и носи своја тежина и убавина, а сметам дека за еден музичар да биде комплетен, треба ги познава сите сфери на професијата.

Фросина заедно со татко си Светозар Богданоски во Музикфераин во Виена

Kакво е чувството да се свири на инструментите што ги создаваат Вашиот татко и неговиот тим?

- Јас сум најголем фан на брендот „Богданоски“ и најдобро се чувствувам и можам да се изразам на виолините од нашето ателје, особено што татко ми добро знае што е тоа што го сакам како звук, како и што најдобро технички ми лежи во рацете. Се чувствувам благословено и екстремно сум благодарна што имам можност да избирам секој ден од толку моќни инструменти од мајстор чие име е знак за квалитет во светот. Сепак, нашата професија е релативно скапа, од инструментот па до сите технички елементи што одат со него, како и неговото одржување. Да се најде соодветен инструмент е голема инвестиција во сопствената иднина, како и финансиски, а во денешно време тоа е навистина тешко.
 
Да им доближиме на читателите, како еден музичар ја задржува својата позиција во вакви оркестри? Дали подлежите на аудиции?

- Патот до место во кој било оркестар е преку аудиција. Некои детали околу самата аудиција може да варираат, но принципот е генерално ист. Првата селекција или елиминација е базирана на биографијата на кандидатот, каде што многу важна улога имаат образованието и претходното работно искуство. Откако кандидатот ќе ја помине првата селекција, добива покана да учествува на самата аудиција (понекогаш може да има и прелиминарна аудиција пред главната). Се настапува под број кој се извлекува по случаен избор пред самиот почеток. Аудицијата се одвива на зададен материјал во три или четири елиминациски рунди, на стартот може да има од 30, па до 90 кандидати, додека во финалната рунда ќе останат тројца или четворица.


Фросина меѓу виолините што се ремек-дела на татко и

Аудицијата се одвива зад параван, сѐ до финалето кога што жири-комисијата составена од 20 членa на оркестарот сака и визуелно да ги запознае потенцијалните победници. Откако се избира победник (дури и ако еден кандидат има најмногу бодови и е победник, комисијата гласа дали го сака тој кандидат или не пред официјално да се објави резултатот), тој кандидат е подложен на пробен период од една година, понекогаш и подолго. После тој период комисијата се состанува уште еднаш и гласа дали тој кандидат се вклопува во оркестарот или не. Интересно е што свирењето не е единствен и пресуден момент за успешно помината пробна година. Дури и по пробниот период многу е важно кандидатот да го одржува својот квалитет и да ги одржува интересите на големото оркестарско семејство.

Дали можеби некогаш сте свиреле на инструмент што не е изработен од Вашиот татко?

- Како што веќе споменав, јас сум најголем фан на „Ателје Богданоски“ и брендот не го менувам. Единствените виолини на кои свирев, а не беа од татко ми, беа виолините од нижото музичко училиште „Киро Димов“ - денешно „Стефан Гајдов“. Веќе првата 4/4 виолина беше од татко ми Светозар и така и ќе остане. Помеѓу мене и него има посебна врска, а тоа се пренесува и на самата виолина. Изработена од негови раце и дадена во моите, тоа е удвојување на истата енергија, на истата креативност и функционира како магија. Имам пробано многу виолини од други мајстори, но тоа чувство и тој звук досега ги нема на ниедна од нив.



Имате ли омилена виолина?

- Имам две. Едната е копија на Гварнери „Панет“, на која свирам сега, виолина која има многу моќен и длабок звук со богата боја и ја користам за аудиции и соло-проекти, а другата е персонален модел на татко ми, која ја изработи специјално и со посвета за мене, а има помек звук и послатка боја во споредба со другата. Двете се лично мои и ги менувам по потреба во зависност од тоа на што работам во моментот.


Има ли некогаш одмор за уметник? Колкава е најдолгата пауза што ја имате направено од Вашиот инструмент?

- Реално за уметник нема пауза. Нормално, имаме одмори во текот на годината, но уметникот креира и твори во секое време, а како и спортистите, и музичарите мора да одржуваат физичка форма и кондиција. Најдолгата пауза што ја имам направено неколку пати, а не е од здравствени причини, е еден месец, најчесто во летниот период, а потоа зажалив затоа што морав да ја надоместам опаднатата форма. Отсекогаш верував дека инструментот јасно ја одразува нашата ментална и физичка состојба и кога не сме во форма, знае да нè предаде. Има една изрека во нашиот свет која вели - ако прескокнеш еден ден работа со инструментот, знаеш само ти, ако прескокнеш три дена, знаат сите!




Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема