X
 26.05.2019 Економија

Најбогатите 10 отсто од домаќинствата поседуваат 70 отсто од вкупното богатство

Најбогатите 10 отсто од домаќинства во САД во 2018 година поседувале 70 отсто од вкупното богатство на домаќинствата, додека во 1989 година тие поседувале 10 отсто помалку, објавија западните медиуми повикувајќи се на изјава на Торстен Слок, главен економист во Дојче банк, кој, пак, се потпира на новиот извештај на американската централна банка, односно Федералниот резервен систем (ФЕД).

Во таа студија на ФЕД се истакнува и дека богатството на најбогатите 1 отсто од домаќинства во САД во тој период се зголемило од 23 на 32 отсто. Аналитичарите на ФЕД притоа утврдиле дека причината за растот на богатствата на првите 10 отсто е тоа што се зголемил уделот на нивниот имот во тој период од 55 на 64 отсто, додека истовремено приближно толку се намалил (релативно гледано) имотот на средната и на повисоката средна класа.

Слок истакнува дека тоа делумно е резултат на експанзивната монетарна политика на ФЕД, по финансиската криза од 2008 година, благодарение на која цените на недвижностите и акциите во последните десет години се зголемуваа.

- Друга последица од финансиската криза е падот на сопствеништвото на домаќинствата над недвижностите и акциите, а сопствеништвото над недвижностите претставува најголем удел во вкупното богатство на домаќинствата - објаснува тој.

„Маркет воч“ го пренесува и податокот според кој во првиот квартал од 2019 година стапката на сопствеништво над станбените недвижности била на ниво од 64,2 отсто, додека историскиот просек е 65,2 отсто. Притоа се напоменува дека во 2005 година тој процент бил 69,2 отсто, но финансиската криза потоа во еден момент во 2016 година го намалила на 63 отсто, за во првиот квартал од 2018 година да се зголеми на сегашното ниво.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија