X
 26.06.2022 Живот

Направена е најголемата база со фотографии од дивиот свет на Амазон

Можеби никогаш нема да ја дознаеме целината на огромната убавина на природниот свет. Но, благодарение на научниците од Здружението за зачувување на дивиот свет (WCS) сега сме чекор поблиску до откривање на еден мал агол на Земјата. Организацијата постави стотици камери низ целиот басен на Амазон со цел да сними слики и видеоснимки од дивиот свет во регионот. Резултатите нудат редок увид во секојдневниот живот и навиките на суштествата.

-Многу од најкриптичните видови се неверојатно тешки за проучување затоа што се толку тешки за набљудување, или затоа што се ретки, срамежливи, се движат само навечер или се сите три нешта, но повеќекратни стапици со камера оставени во шумата 1-2 месеци или повеќе може да ги набљудуваат за нас. Стапиците со камери ги снимаат животните кога најмалку го очекуваат - на пример, џиновски мравојади (Myrmecophaga tridactyla) кои се бањаат со кал, орелот од видот Morphnus guianensis како пие и се капе во кал или како пумата дреме - вели Роберт Валас, директорот на WCS и коавтор на студијата.

Податоците беа собрани во текот на две децении од 143 места во сливот на Амазон. WCS обезбеди повеќе од 57.000 слики што ќе се користат во новото истражување кое вклучува истражувачи од повеќе од 100 институции.

2
Фото: WCS Ecuador

Неодамнешното истражување беше објавено во научното списание „Екологија“ и беше составена збирка од повеќе од 120.000 слики од речиси 300 видови низ осум земји во регионот на Амазон: Боливија, Бразил, Колумбија, Еквадор, Француска Гвајана, Перу, Суринам и Венецуела. Главната цел на истражувањето беше да се создаде база на податоци со слики од дивиот свет на Амазон, а истовремено да се документира загубата на живеалиштата, фрагментацијата и ефектите од климатските промени.

Сега, со сликите дадени од Здружението за заштита на дивиот свет, таа стана најголемата постоечка база на податоци за фотографии на фауната на Амазон. И тоа е првпат сликите од стапиците со камери во различни региони да бидат составени и стандардизирани во толку голем обем. По завршувањето на истражувањето, истражувачите имале 154.123 слики од 317 видови, вклучувајќи 185 птици, 119 цицачи и 13 влекачи. Од сите фотографирани цицачи, најчесто фотографираниот беше глодарот од видот пака. Севкупно, ова мало крзнено животно е снимено речиси 12.000 пати.

Најчесто снимена птица е курасото, која се појавува повеќе од 3.700 пати. А најчестиот рептил беше златниот тегу гуштер, кој на камера е фатен 716 пати. Но, од сите фотографии вклучени во истражувањето, најмногу фокус во поголемиот дел од колекцијата беше јагуарот кој некои го сметаат за дивиот симбол на Амазон.

Иако биле развиени пред речиси еден век, стапиците со камери не биле користени за проучување на дивиот свет до раните 90-ти. Оттогаш тие станале неопходна алатка за зачувување и истражување на дивиот свет. Тие се едноставен и неинвазивен начин за собирање информации за животната средина, а со напредокот на технологијата тие станале и покорисни. Ова истражување ја нагласува нивната важност на повеќе начини.

- Со зголемената загриженост за влијанието на климатските промени врз дистрибуцијата и изобилството на дивиот свет, оваа подредена база на податоци обезбедува основна линија со која можеме да ги следиме промените со текот на времето во иднина. Исто така, важно е да се нагласи дека аналитичките техники постојано се развиваат и ставањето на овие податоци достапни е огромен чекор напред за науката и дивиот свет во Амазон -  вели Валас.



Извор: Mymodernmet.com
Фото: WCS Ecuador
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот