X
 26.07.2018 Живот

Ќерката на Кензо Танге: Татко ми ја сакаше Македонија и проектот за обнова на Скопје го сметаше за многу важен

Денеска се одбележуваат 55 години од катастрофалниот земјотрес на Скопје. Неговиот проект за новиот град засекогаш го смени урбаниот пејсаж на Скопје


„Луѓето се мостови. Еден таков мост е Кензо Танге“, напиша Андријана Цветковиќ, нашата амбасадорка во Јапонија, на својот прфила на фејсбук, споделувајќи фотографии со ќерката на познатиот архитект Кензо Танге, кој го обнови Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Ќерката на Кензо Танге, г-ѓа Учида и амбасадорката Андријана Цветковиќ  Извор: Амбасада на РМ во Јапонија

- Со ќерката на Кензо Танге, сеќавајќи се на земјотресот во Скопје 1963 година и солидарноста која светот ја покажа кон мојот роден град. Денеска се одбележуваат 55 години од катастрофалниот земјотрес на Скопје. Неговиот проект за новиот град засекогаш го смени урбаниот пејсаж на Скопје. Тој, заедно со неколку познати архитекти од Јапонија (Исозаки, Курокава) и архитекти од Македонија помогна повторно да се изгради градот. Иако целиот архитектонски проект не е изведен до крај, импактот е евидентен – вели Цветковиќ.

Таа објаснува дека минатиот месец се сретнала со неговата ќерка, г-ѓа Учида и заедно ја разгледале најголемата архитектонска изложба во Јапонија, во музејот „Мори арт“. Разговарале за многу нешта, меѓу кои и за спомените на Танге од Македонија.


Извор: Амбасада на РМ во Јапонија
Неговата ќерка рекла:
- Кензо Танге ја сакаше Македонија и проектот за Скопје го сметаше за многу важен.

Цветковиќ објаснува дека Кензо Танге во Јапонија е легенда. Добитник е на Прицкеровата награда за архитектура, а во сиот свет се смета за еден од најзначајните архитекти.
- За македонско-јапонските односи, тој е симбол на пријателство. Бидејќи како што вели поговорката „Пријателите во несреќа се познаваат“. Како амбасадор предложив Град Скопје во негова чест да постави статуа или уште подобро, да му посвети мал музеј кој ќе биде симбол на повторната изградба на градот. Се надевам дека ние и идните генерации ќе ги негуваме спомените за солидарност и пријателство кое ни беше понудено, кога ни беше најпотребно – вели Цветковиќ.


Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот