X
 26.07.2022 Наука

Истражувачи откриле манипулирани слики во клучна студија за Алцхајмерова болест

Алцхајмеровата болест е најчеста причина за деменција на глобално ниво, според Светската здравствена организација. Високо влијателниот труд кој беше објавен во „Нејчр“ во 2006 година помогна да се насочат милијарди долари во истражувањето на американската федерална влада за Алцхајмеровата болест.

Студијата, која го разгледа когнитивното опаѓање кај глувците, предложи дека специфичен амилоид-протеин може да биде одговорен за когнитивното опаѓање. Оттогаш, хипотезата доминираше на теренот, а истражувачите работеа со години за да го разберат механизмот со кој таквите протеини може да доведат до опаѓање.

Но, Метју Шраг, невролог од Тенеси и професор на Универзитетот „Вандербилт“, вели дека тој и другите рецензенти идентификувале 10 труда за протеинот кои заслужуваат подлабоко испитување. Во извештајот се наведени и други истакнати истражувачи кои имале тешкотии да ги реплицираат резултатите од студиите за специфичните протеини.

- Се фокусирам на она што можеме да го видиме на објавените слики и ги опишувам како црвени знамиња, а не како конечни заклучоци. Податоците треба да зборуваат сами за себе - вели тој.

Научниците се сомневаат дека сликите во повеќе трудови биле манипулирани за подобро да се поддржи хипотезата, а работата на истражувачот Силвен Лесен е под посебно испитување. Лесен, вонреден професор на Универзитетот во Минесота, сега е под истрага од универзитетот.

Коавторка на неколку трудови е д-р Карен Еш од Универзитетот во Минесота, еден од најистакнатите истражувачи на Алцхајмеровата болест во земјата. Таа ја опиша потенцијалната манипулација со слики како погубна, но ја критикуваше идејата дека нејзиното истражување за амилоидни протеини ги насочувало трошоците на федералните и фармацевтските компании.

Научниците со децении се обидуваат да најдат лек за Алцхајмеровата болест. Иако постојат лекови за лекување на симптомите во раната и средната фаза на Алцхјамеровата болест, само еден лек е одобрен од Американската агенција за храна и лекови (ФДА): адуканумаб.

Овој лек, продаден под името на брендот „адуелм“ и развиен од „Биоген“, беше контроверзен. Додека се разгледуваше за одобрување во 2021 година, повеќе претставници на ФДА изјавија дека не постојат доволно докази за неговата корист.

Сепак, агенцијата го одобри лекот, а „Биоген“ почна да го продава за 56.000 долари. Тоа предизвика тројца службеници на ФДА да дадат отказ, а еден рече дека не постојат добри докази дека лекот дејствува.

Се верува дека во светот најмалку 50 милиони луѓе живеат со Алцхајмерова болест или друг вид деменција.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука