X
 26.08.2018 Живот

Планетата треба да се спасува, но рециклирањето е чисто промашување

Некои научници тврдат дека индивидуалното рециклирање на пластиката е корисно колку и санирање на раната од крушум со фластер.

-За почеток треба да се отфрли лагата дека рециклирањето е спас од пластиката што ја гуши планетата. Човекот може да биде најдобрата верзија од себеси само ако му се обезбедат услови, потпора и системски ограничувања. Нашиот голем проблем со пластиката е резултат на попустлива правна рамка што овозможува неконтролирана употреба на пластика и покрај доказите дека пластиката ѝ штети на животната средина, заедниците и морињата и океаните - пишува во неговиот есеј, екологот и еволутивниот биолог Мет Вилкинс кој тврди дека пропагандата за рециклирање пластика е лага што си ја кажуваме себеси.

-Рециклирањето од страна на обичните граѓани е како да се обидувате да спасите облакодер кој се руши, со еден штраф - недоволно и несоодветно - вели тој.

Иако не негира дека прашањето околу пластиката е планетарен проблем што многумина не го сфаќаат сериозно и потсетува дека пластичните ќеси од продавници ги користиме во просек 12 минути,  а се задржуваат во околината цел милениум. Поттикнувањето на индивидуалците да рециклираат никогаш нема да го реши проблемот на масовно производство на пластика за едно користење која не треба ниту да биде произведена.

Пластиката во форма на микропластика се таложи во земјата и плови во океаните каде рибите ја јадат низ чија консумација ја внесуваат и луѓето. Новите истражувања покажуваат дека ако не направиме радикални промени, во океаните до 2050 година ќе има повеќе пластика од риби. На сето ова одмагаат и лажните екологисти кои намерно се концентрираат на „борба“ на поединците против пластиката, наместо на индустријата.

Како најдобар пример Вилкинс ја споменува непрофитната организација „Чувај ја Америка убава“, основана од корпорации како „Кока-Кола“ во 50-тите години на минатиот век. Незаборавна е и ретро-рекламата од 80-тите, наречен „Индијанец кој плаче“ во кој припадник од едно племе, во своето кану поминува низ пластика и ѓубре, и плаче. Неодамна започна и кампањата „Сакам да бидам рециклиран“, што ги поттикнува граѓаните да размислуваат за судбината на своите шампони и гелови за туширање откако ќе се искористат.



-Во 1953 година, Вермонт се обиде да ја забрани употребата на шишињата сокови и газиани пијалаци. Произведувачите пак се радуваа на дополнителната заработка и фактот дека нема да мораат да рециклираат шишиња. „Чувај ја Америка убава“ е основана во тие години со цел да го срушат овој закон, во што и успеаја. На лобирање потрошија 14 милиони долари - пишува Вилкинс.

Нивниот најголем успех бил да го уверат светот дека најголемиот виновник се индивидуалните потрошувачи, а не индустријата чие неконтролирано однесување се охрабрувало, во име на профитот, како и тоа другите да мислат дека се сериозно посветени на екологијата. Вилкинс опишува како навистина треба да изгледа нашиот ден и „рециклиран живот“ за тоа да има некаква смисла.

-Никогаш не би требало да користите пластични шишиња или садови за храна. Не би смееле да пиете флаширана вода или газирани пијалаци. Кога сме присилени да користиме пластика мора да се распрашате каков тип е, колку време му е потребно да се разгради и зошто користењето на ќеси е сто пати полошо од шишиња. Треба да бидете свесни дека пластиката се деградира со рециклирање па пластичните шишиња најчесто се претвораат во нешто што не може да се рециклира - како тепих или синтетичка облека - вели тој.

Што може да направи политиката и законодавството?

Би можеле да помогнат и да донесат закони што ќе наградуваат повеќекратна употреба од страна на индустријата. Некои држави беа храбри и забранија пластични ќеси, цевки, стапчиња за уши и влажни марамчиња. Вилкинс тврди дека доколку не сте спремни да забраните да речеме пластични цевки, немојте по инерција веднаш да ги давате со пијалак, туку само ако некој побара.

Иако рециклирањето е инспиративно и нѐ тера на дијалог, факт е дека тоа е неодржлива борба во рамките на постоечкиот економски систем и начин на живот.

-Подобра алтернатива е кружниот економски модел, каде отпадот се минимизира со планирање однапред за тоа како материјалите повторно да се искористат. Време е да престанат да се обвинуваат корисниците и да се бара подобар систем - вели Вилкинс.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот