X
 26.08.2019 Живот

Лидерите на Г-7 подготвени за помош на Бразил во борбата против пожарите во Амазонија

Лидерите на Г-7, собрани на самитот во Биариц, изразија подготвеност да му помогнат на Бразил во борбата против пожарите што се шират во Амазонија и да ги обноват прашумите, додека десетици илјади војници се приклучуваат во гаснењето на пожарот што го вознемири светот.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека лидерите на самитот се близу до договор за поддршка за Бразил, додавајќи дека договорот ќе вклучува и технички и финансиски механизми за да биде помошта што е можно поефикасна.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека нејзината и другите земји ќе разговараат со Бразил за пошумување на Амазонија кога таму ќе се изгаснат пожарите.

„Секако, тоа е бразилска територија, но во прашање се прашуми и тоа е навистина глобално прашање. Белите дробови на Земјата се загрозени, затоа мора да најдеме заеднички решенија“, рече Меркел.

На самитот на Г-7 во Биариц, Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон разговараа со претседателот на Чиле, при што германскиот канцелар се изјасни дека тие ја нудат „целата можна логистичка и друга помош“, што ќе ја организира ЕУ.

Папата Франциск ги повика верниците да се молат пожарите на Амазонија да бидат ставени под контрола што е можно поскоро.

„Сите сме загрижени за пожарите во Амазон“, рече папата, предупредувајќи дека прашумите се клучни за нашата планета.

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро објави на „Твитер“ дека разговарал телефонски со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој рече дека Израел ќе испрати авион за да помогне во гаснење на пожарите.

Болсонаро во петокот објави дека неговата влада ќе испрати 44.000 војници за да помогне во гаснењето на пожарите во прашумите на Амазонија, но досега се испратени само неколку стотици.

Одлуката за ангажирање на војската следува по многу критики кон претседателот на Бразил, Болсонаро, и за тоа како тој реагирал на кризата.

И покрај загриженоста од меѓународната заедница, Болсонаро пред новинарите изјави дека ситуацијата се враќа во нормала. Тој исто така рече дека разговара со сите за проблемот, вклучувајќи ги и американскиот претседател Трамп, шпанскиот премиер Педро Санчез и неколку лидери на Јужна Америка.

Сателитските слики покажуваат дека повеќе од 41.000 пожари избувнале оваа година во областа Амазонија, од кои половината само во овој месец.

Прашумите во Амазонија, познати и како „бели дробови на светот“, се едни од највредните ресурси што светот ги има во борбата против климатските промени затоа што апсорбираат огромни количини јаглероден диоксид и произведуваат кислород.

Кога ќе се појави шумски пожар, во атмосферата се испушта јаглероден диоксид, што го зголемува нивото на јаглерод, а научниците стравуваат дека наскоро ќе се дојде до точка кога ни Амазонија нема да може да прима и да задржува доволно јаглерод, што ќе оди директно во атмосферата.

Би-би-си наведува дека може да доведе до климатски катастрофи и да се поништат сите климатски цели поставени од многу земји.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот