X
 26.08.2019 Образование

Синдикатот за образование се заканува со штрајк на 2 септември

Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, вели дека синдикатот ѝ дава рок на Владата до 1 септември за преговори и за реално зголемување на платите на сите вработени во образовната дејност

Една недела пред почетокот на учебната 2019-2020 година, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) се заканува со штрајк. Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од 5 отсто.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, вели дека синдикатот ѝ дава рок на Владата до 1 септември за преговори и за реално зголемување на платите на сите вработени во образовната дејност.
- Не сме задоволни од зголемувањето на платите од 5 проценти. Реално би било зголемувањето да е 20 проценти – вели Неделковски.

Тој објаснува дека доколку не се договорат со Владата, на 2 септември ќе има предупредувачки штрајк. Потоа, месецот септември ќе го определат за преговори со Владата.
- Доколку ништо не се договориме и во септември, имаме опција за генерален штрајк. Ние сме репрезентативен синдикат со околу 30.000 члена. Ги повикувам сите други синдикати да ни се приклучат - вели Неделковски.



СОНК бара и да биде активен учесник во креирањето на буџетот за образованието за 2020 година.
Томислав Гиевски, претседател на независниот синдикат за образование и наука (НСОН), смета дека платите во образованието во нашата земја може исклучиво да се зголемат со штрајк. Без разлика што се различни организации, смета дека сите треба да им дадат поддршка на штрајкувачите.

- Се обидуваме да исконтактираме со СОНК и да се договориме. Сметам дека должност на сите синдикални организации е да му дадат поддршка на штрајкот, но со заеднички членови во штрајкувачкиот одбор - вели Гиевски.

Од Владата велат дека било и ќе им биде приоритет подобрувањето на  статусот на просветните работници како и сите  вработени во сферата  на образованието.
-Ова го покажавуваме и докажуваме континуирано. Во изминатиот период  беше усвоен Законот за основно и законот за стручни соработници  во основното и средното  образование, со цел подобрување на квалитетот на образованието и подобрување на статусот на просветните работници. Во изминатата година ги зголемивме платите за 5 %, зголемување кое предвидено и за ова година, 2019 година, почнувајќи од месец септември. Како споредба, септемвриската плата е зголемена за над 10%,  компарирано со августовската плата за 2018 година. Ние како Влада сме посветени ова поддршка од аспект на зголемување на приходите да продолжи во иднина. Владата на РСМ и Министерството за образование и наука ќе го продолжат дијалогот со СОНК како важен партнер во насока на подобрување на општата состојба во делот на образованието - велат од Владата
Подготвил: Н.Б.З. - В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование