X
 26.09.2017 Здравје

Диабулимија - најголемото нарушување во исхраната за кое никој не чул

Натали Холбороу, писателка која живее во Сванси, Велс, страдала од диабулимија кога имала 22 години, но успеала да оздрави и да се справи со штетата предизвикана од здравственото нарушување. На својот фејсбук-профил објавила информации за својата состојба и ја објаснила болеста.

Била многу слаба и погодена од малтретирањето во училиште, а била и на инсулинска терапија. Не можела да размислува рационално, постојано имала настинка, ја губела косата, а расположението ѝ било на ниско ниво. Натали сега се бори оваа состојба да биде признаена и да им се обрне внимание на луѓето што страдаат од истата.

Според експертите, диабулимија се смета за нарушување во јадењето, кај луѓето со дијабетес тип 1, кои намерно земаат помалку инсулин отколку што им е потребно за да изгубат од телесната тежина. Оваа состојба уште не е медицински признаена иако досега имало неколку повици за тоа да се промени. Повеќе се вбројува во нарушувања во исхраната бидејќи таквите ги има често и се сметаат за сериозна ментална болест, која доведува до други последици.

Според истражувањата, 40 % од жените со дијабетес тип 1 помеѓу 15 и 40 години, во некој период, го прекинале инсулинот за да ја контролираат својата тежина. Но, како што истакнала Натали, повеќето од оние што страдаат од болеста немале толку среќа како неа. Кај многумина состојбата преминала во анорексија и други сериозни проблеми, како оштетување на бубрезите и на очите, а кај голем дел настапила и смрт.

Во реалноста ваквите случаи се ретки, па затоа се истакнува потребата од едуцирање и подигнување на свеста кај јавноста за ваквата состојба, бидејќи се создаваат дополнителни проблеми кога болеста ќе се појави кај пациенти што порано не биле третирани за дијабетес тип 1, па здравствените работници кои не се запознаени може да немаат разбирање за состојбата со која се соочуваат.

Без инсулин, пациентот со дијабетес тип 1 може да западне во состојба наречена „Diabetic Ketoacidosis“, која секогаш завршува фатално ако веднаш не се третира. Комплетното дијагностицирање и третирање на диабулимија, како што вели Натали, е навистина комплициран процес. Манипулацијата со инсулинот за контрола на тежината е клинички додаток и за булимија и за анорексија. Која е разликата помеѓу оние дијагнози за дијабетес тип 1 кои го испуштаат инсулинот? Одговорот е тежината. На пример, два пациенти со дијабетес тип 1 и еднакви нарушувања во исхраната, но со различна тежина, ќе бидат дијагностицирани со различни нарушувања во јадењето.

Ова е проблематично од многу причини, додека тежината може да биде најголемиот ризик-фактор во стандардното нарушување во исхраната, а кај дијабетесот тип 1 попрецизна мерка на ризик е просечното ниво на шеќер во крвта во период од 3 месеци. Резултатот на сето ова е пациент со дијабетес тип 1, кој е премногу болен, а не може да добие третман затоа што неговата тежина не е доволно ниска.
 
Дел од здравствените работници, пак, сметаат дека не е нова состојба, односно дека се дијагностицира од оние што немаат доволно знаење и инструкции за да ги третираат болните од дијабетес. Сепак, повеќемина го признаваат како ментално нарушување, слично со анорексијата и булимијата, но и со специфични проблеми од дијабетес. Некои луѓе не земаат инсулин поради игнорантност, но хроничното намалување на инсулинот заради губење на тежината веќе се препишува во ментално нарушување, а не недостиг од знаење, фаза, бунтовност или повик за внимание.

Се очекува да се објават нови начини за третирање на нарушувањата во исхраната, а тоа вклучува и начини за третмани на оние што имаат дијабетес.

Професионалците од здравството треба да посветат повеќе внимание на ваквите случаи, вели Натали, која смета дека дијабетесот не е само физичка состојба, туку  на тие луѓе треба да им се даде поддршка и за менталното здравје.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје