X
 26.09.2018 Живот

Библиотека во Њујорк им позајмува облека за интервју за работа на луѓето што немаат пари

На разговор за работа сите се трудат да остават што подобар впечаток, а тоа некогаш не е едноставно. Меѓу другото, треба пристојно да се облечени, по можност со нешто да се истакнуваат. За луѓето што немаат пари, ова не е баш многу лесно.

Но, за оние што живеат во Њујорк постои решение. Јавната библиотека „Риверсајд“ започна одличен проект: им помага со облека на луѓето што одат на интервју за работа или на некој важен бизнис-настан. Единствен услов е да немаат долг за книги поголем од 15 долари.

Проектот се вика „Grow Up Work Fashion Library“, а со него библиотеката позајмува вратоврски, торби, актовки и други работи за разговори, конгреси и сите бизнис-настани. До идејата за проектот дошла младата библиотекарка Мишел Ли.

Таа и претходно им помагала на студентите да се подготват за интервју за факултет и за студентските работни места на половина работно време. Својот проект го испратила на натпревар на кој секоја година се избираат 25 библиотекарски проекти, кои подоцна се финансираат. Оваа година биле пријавени 300 проекти, а нејзиниот добил средства.

Младата библиотекарка сега ги подготвува луѓето за разговор на работа, им помага со пријавите и резимеата и им помага да се облечат соодветно. Ли вели дека многу млади што доаѓаат во библиотеката не можат да си ги дозволат сите додатоци за подобро да се презентираат на разговорите за работа.

Со средствата што ги добила библиотеката, Ли купила десетина актовки и торби, а на кандидатите им нуди и вратоврски и пеперушки. Иако дизајнот првенствено е наменет за млади луѓе, облеката може да ја позајмат и постари луѓе.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот