X
 26.09.2018 Технологија

Како двајца студенти го променија интернетот?

Изминаа две децении откако Лари Пејџ и Сергеј Брин го преселија својот нов стартап-проект од студентската соба во нашите домови.

Летото 1995 година Сергеј Брин водел тура нови студенти низ „Стенфорд“. Лери Пејџ, инженер кој дипломирал на Универзитетот на Мичиген, бил дел од таа тура.

- Мислев дека е прилично дрзок. Имаше цврст став за сите нешта, а веројатно имав и јас. Двајца бевме дрски, но тоа го кажуваме низ шега - раскажува Пејџ за првата средба со Брин.

Во тој момент, начинот на кој функционирал интернетот бил лош, а пребарувањето многу бавно. Претходникот на „Гугл“, страницата „Бекраб“, е нивни заеднички проект со кој се обиделе да го забрзаат пребарувањето. Во 1996 година Брин открил алгоритам кој овозможувал линковите од интернет-страниците „со поголем авторитет“ да се најдат на врвот од листата со резултати од пребарувањето, па со тоа рангирањето на резултатите е вршено не само по бројот на клучни зборови, туку и по авторитет.

Во август истата година „Бекраб“ станал „Гугол“, а на 15 септември 1997 година е регистриран како „Google.com“.

Тогаш почнале да пристигнуваат и првите донации, а по конституирањето на „Гугл“ како правна корпорација на 4 септември 1998 година, двајцата експерти се селат во гаражата на пријателката Сузан Војчицки, која сега е извршен директор на „Јутјуб“, во Менло Парк, Калифорнија. Кон почетокот на 1999 година „Гугл“ за малку ќе бил продаден, но „Ексајт“ се откажал од купувањето поради цената - 750 илјади долари.

Оттогаш Пејџ и Брин почнале да вработуваат инженери и „Гугл“ почнал да се шири.

На крајот од првата деценија компанијата ја добила пребарувачката војна. Најзначајното нешто што го купил „Гугл“ бил „Јутјуб“, и тоа по цена од 1,65 милијарда долари.

По многу години, купувањето на „Јутјуб“ се исплатело, а минатата година само од реклами се остварени приходи од 4 милијарди долари.

Фото: Wikipedia

Регулациите и цензурирањето ја загрозуваат доминацијата на „Гугл“. Првиот притисок од властите компанијата го почувствувала кога „Гугл“ бил блокиран во Кина во 2000 година. Подоцна дојдоа проблемите со хакирањето на „Џимејл“, а потоа и со авторските права на „Јутјуб“.

Секако, тоа не се единствените закани за „Гугл“. Освен прописите, тука се и латентните судири со „Амазон“ и со „Фејсбук“.

Меѓутоа, можеби најголемата закана за „Гугл“ се раѓа сега во некој студентски дом и за 20 години ќе доминира на интернет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија