X
 26.09.2018 Образование

Над една третина од Македонците зборуваат еден странски јазик

Во 2016 година 38 отсто од Македонците меѓу 25 и 64-годишна возраст кажале дека имаат познавање од еден странски јазик. Кога станува збор за познавање два странски јазика, оваа бројка опаѓа на 20 отсто, додека само 9 отсто од Македонците имаат познавање од три или повеќе странски јазици, покажуваат последните податоци на Европскиот институт за статистика - Евростат, објавени по повод Европскиот ден на јазиците.

Македонија бележи полоши резултати од ЕУ во целина, но подобри од неколку земји-членки на Унијата. На ниво на ЕУ, 65 отсто од граѓаните велат дека познаваат еден странски јазик, покажува Евростат.

По земји-членки, најдобри резултати бележат Шведска со 97 отсто, Летонија, Данска и Литванија со 96 отсто, Луксембург со 95 отсто, Финска и Малта со 92 отсто и Естонија со 91 отсто. Финска и Словенија, пак, имаат највисоки бројки во однос на познавањето три или повеќе јазици (45 и 38 отсто).

Најниско познавање на странски јазици има во Велика Британија, каде што само 35 отсто од граѓаните познаваат еден странски јазик, потоа Романија со 36 отсто, Унгарија 42 отсто и Бугарија, каде што половина од населението не познава ниту еден странски јазик.

Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование