X
 26.09.2019 Технологија

Често објавувате на „Инстаграм“? Морничаво е што сѐ хакерите можат да направат со вашите фотографии

Кога ќе објавите пост или приказна на „Инстаграм“, а е направена на јавно место, за себе откривате многу повеќе информации отколку што мислите.

Токму затоа тимот од веб-страницата „Базфид“ одлучи да анализира податоци собрани од само еден час, снимени со веб-камери на јавни места и комбинирајќи ги со инстаграм-приказните ги откриле вистинските имиња и идентитети на шест луѓе.

Модерните градови се преполни со камери од кои голем дел постојано собираат фотографии од луѓе на јавни места, и иако некои градови го ограничија препознавањето на лица во полициските истраги, речиси не постои рестрикција за поширока употреба на надзорните камери што имаат можност да следат поединци и нивното движење во градот за потребите на полицијата, корпорациите, па дури и обичните граѓани. Во САД не постои закон што би одредил колку долго компаниите би можеле да ги чуваат овие фотографии, ниту за што би можеле да ги користат.

Бројот на надзорни камери се зголеми во последните неколку години, а во Лондон се зголеми толку многу што има една камера на 14 лица. Истовремено, популаризацијата на социјалните мрежи доведе до тоа милијарди луѓе да ги објавуваат сопствените фотографии, а објавите често се јавни. Само на „Инстаграм“ повеќе од 500 милиони луѓе низ светот секојдневно ги споделуваат нивните фотографии и видеа.

foto
Фото: Press


Тоа значи дека со помош на јавно достапните веб-камери е исклучително лесно да се лоцираат инстаграм-корисниците следејќи ги нивните приказни и користејќи гео-тагови и хаштази. Секако, тоа е можно и со помош на други апликации, особено ако станува збор за отворени профили, а благодарение на популарноста на мрежата, се работи за база со над милијарди профили со фотографии и видеа.

Новинарите од „Базфид“ во многу случаи успеале да ја откријат не само локацијата, туку и професијата, адресата, телефонските броеви и контактите, а по само неколку минути поминати на „Гугл“ новинарите дознале и други информации.

На пример, властите можат да го искористат материјалот на местото каде што се одржуваат протести и да идентификуваат и да следат одредени луѓе, а врз основа на снимките објавени на профилот на тие луѓе може да ги идентификуваат сите што се наоѓаат на истата снимка.

Сите работиме за Големиот брат

„Базфид“ го испрати својот новинар Хејс Браун на Тајм сквер и врз основа на неколку негови објави и со помош на „Ерткам“ успешно го следеше дури и откако престанал со објавите.

- Луѓето сами треба да одлучат дали сакаат да споделат нешто јавно или приватно. Како и секоја друга јавно објавена фотографија, постои ризик некој да го користи материјалот без дозвола и на начини кои авторот не ги предвидел - порачуваат од „Инстаграм“.

Сепак, со напредокот на технологијата (алатки за анализа на видеата, препознавање лица и однесување), ова ќе стане поголем проблем, а многу експерти тврдат дека денешниот стил на живот претставува егзистенцијална закана за приватноста и индивидуалните слободи.

- Кога ќе споите повеќе извори на податоци, добивате можност за следење на одредени луѓе. Тоа може да го прават новинари, а некој како ФБИ тоа може да го направи уште полесно - изјави Ос Кејес, кој се занимава со прашања за приватноста на Универзитетот во Вашингтон.

Проблемот е и во тоа што компаниите како „Ерткам“ ги складираат фотографиите во висока резолуција за подоцна да ги искористат за подобрување на системот. Истовремено тоа придонесува и други компании и владини тела побрзо да собираат и анализираат податоци. Ако на сето тоа ги додадеме податоците што луѓето ги сервираат со снимки од камери од мобилните телефони, добиваме совршен систем за надзор на кој сите активно работат.

- „Ерткам“ може да ги користи податоците за благородни цели, но кога слободно ќе ги споделите овие информации и ќе ги направите достапни за другите луѓе, создавате база на податоци што може да се злоупотреби на начини на кои луѓето не би сакале, и тоа без нивно знаење и дозвола. Со оглед на политиката на „Ерткам“, компанијата нема можност да го спречи тоа - вели Јеван Хутсон, еден од активистите за борба за приватност.

Иднината носи уште поголеми проблеми

Иако овде се споменати само случаите во големите градови, што се одлично покриени со надзорни камери, овој проблем се шири и во послабо населените места. На пример, „Амазон Ринг“ поставува безбедносни камери на вратите на корисниците за дигитално подобрување на безбедноста, но постои и друга страна на приказната, а тоа е дека ја загрозува приватноста на сите што ќе се најдат во опсег на камерата.

Што се однесува до полициските овластувања, постои законска регулатива што ги тера њујоршките полицајци да побараат дозвола за да пристапат до податоци што ги поседуваат приватните компании, но приватните податоци на инстаграм-корисниците им се достапни исто како некој да отвори нечиј профил.

Сепак, на државните органи им е потребен налог за да го следат движењето на поединци со помош на податоците собрани од телекомуникациските кули.

- Ако противуставно ме следи користејќи го мојот телефон, тогаш еднакво противуставно ме следи користејќи го моето лице. Во суштината на ова прашање е колку овие алатки им овозможуваат на властите да го следат однесувањето на поединците за чии криминални дела немаат докази - заклучува Алберт Фокс Кан, извршен директор на проектот „Сурвејленс технолоџи оверсајт“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија