X
 26.10.2019 Живот

„Точно е дека е жена, ама е моќна!“ Патријархалниот Авганистан ѝ ги призна заслугите на младата градоначалничка

Зарифа Гафари, која на само 26 години стана една од првите градоначалнички во традиционално патријархалниот Авганистан, истакна дека очекува да ја убијат. Меѓутоа, таа не се крие и активно го привлекува вниманието на јавноста.

Гафари во март ја презеде должноста градоначалник на Мајдан Шар, град со околу 35.000 жители во авганистанската провинција Вардак, каде што бил поставен и банер со неа, со жар црвена марама на главата, со името и слоганот на нејзината кампања против загадувањето „Да го одржиме чист нашиот град“.

Градоначалничката е целосно свесна дека е еден од предводниците на борбата за правата на жените во Авганистан во време во кое поради неодамнешните мировни преговори на Американците со талибанците, Авганистанците размислуваат што би можело да се случи доколку ултраконзервативните бунтовници повторно почнат да учествуваат во водењето на земјата.

- Мојата работа е да ги наведам луѓето да веруваат во правата и моќта на жената - напиша таа на „Твитер“.

Иако не е првата жена што презела традиционално машка работа во авганистанското патријархално општество, Гафари се наоѓа во една од најтешките позиции. Жени се именувани и за гувернерки на провинциите Даикунди и Бамијан, кои, според авганистанските стандарди, се културолошки толерантни подрачја. Нили, град во Даикунди, имал градоначалничка цели две години, но таа на крај се преселила во САД.

Меѓутоа, Вардак е особено конзервативно подрачје, а поддршката за талибанците е толку распространета што многу значајни автопатишта не се безбедни за цивили.

Мајдан Шар има само едно средно училиште за девојчиња, а минатата година имало 13 матурантки. Пред Гафари да стане градоначалник, единствената жена што имала државна работа, покрај наставниците, била министерката за жени на Вардак, но ни таа не се осмелувала да живее во градот. Таа од безбедносни причини живеела во Кабул и како и Гафари, секој ден патувала до работното место.

Интересно е и тоа што претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, всушност ја именувал Гафари во 2018 година. Меѓутоа, по катастрофалниот прв ден на работа мандатот ѝ бил одложен на неколку месеци.

Откако тој јулски ден таа отишла на работа, канцеларијата ѝ била преплавена од бесни мажи вооружени со стапови и камења. Авганистанската разузнавачка служба, Националниот директорат за безбедност, морал да испрати одред од паравојска за да ја спаси и да ја изведе од зградата.

- Тоа беше најлошиот ден во мојот живот - изјави таа.

Демонстрантите извикувале „Не враќај се“ додека таа заминувала. Како што вели, меѓу нив имало и помошници на гувернерот на Вардак, Мохамед Ариф Шах Џахан, кого таа го обвини дека го организирал протестот затоа што се противел на именувањето жена на таа функција.

Гафари го напуштила градот, но далеку од тоа дека си заминала тивко. Врескала толку многу што останала без глас. Заминала директно во претседателската палата во Кабул и им кажала на службениците дека нема да се откаже толку лесно.

- Им кажав дека ќе се борам за своето право на таа функција дури и ако морам да се запалам пред зградата. И не, тоа не беше само празна закана - истакна таа.

Биле потребни 9 месеци, но Гафари успеала да се врати откако гувернерот Џахан поднел оставка и откако социјалните мрежи биле преплавени со хаштагот #IWillFightforRight (Ќе се борам за право). Меѓутоа, далеку од тоа дека тоа било крајот на нејзините неволји.

Почнала така што свикала состанок на 20 општински службеници. Или барем се обидела. Сите биле мажи. Некои доцнеле, а многумина само гледале во мобилните. Неколкумина си разговарале меѓу себе, целосно игнорирајќи ја Гафари, додека таа конечно не викнала: „Ова е формален состанок. Ако некој има лична работа, може да си оди“.

Потоа се смириле и слушале неколку минути.

 - Сега вратете се на работа и работете си ја работата - им рекла на крајот од состанокот.



Откако излегла, од просторијата се слушнала гласна смеа. На улица собрала група чистачи и помошници на градоначалникот за да поделат пластични кеси за отпад за нејзината кампања „Чист град, зелен град“. Не била пресреќна поради идејата да пушти репортер да оди со нив и се двоумела.

- Немам ниеден телохранител, иако би требало да имам двајца. Таму не е безбедно - велела таа.

Репортерот на „Њујорк тајмс“, кој бил на самото место, истакнува дека веднаш било јасно зошто е загрижена. Штом се појавиле, веднаш се собрала група од мажи и момчиња околу неа.

Иако ѓубрето било расфрлено по улиците, повеќето не сакале да земат кеса. Гафари не се повлекувала, често викајќи на сиот глас и барајќи од луѓето да земат бесплатни кеси и да ги употребат.

- Ова е наш град и треба да го одржуваме чист. Не можам да го направам тоа без ваша помош - рекла таа.

Некои ѝ се смееле, но некои ги прифатиле кесите. На сето тоа сведочела само една жена што носела бурка од глава до петици. Гафари подоцна му се извинувала на репортерот за агресивноста.

- Кога една жена сака да работи во многу конзервативно општество, мора да ја крие својата вистинска личност. Мора да биде груба или никој нема да ја слуша. Морам да им докажам дека жените не се слаби - истакнува таа.

Гафари, како и повеќето луѓе во Вардак, е припадничка на етничката група Паштун и е ќерка на професорка во средно училиште и полковник во специјалните сили на Авганистан. Таа на 26 години не е омажена, што не е баш по авганистанскиот општествен стандард.

Таа истакнува дека талибанците и „Исламската држава“ веќе ѝ праќале смртни закани.

- Знам дека ќе ме убијат, но не се плашам од нив. Сметам дека многу позагрижувачки се криминалните синдикати на владината страна од војната, кои се вклучени во многу валкана и доходовна трговија со земја. Тие навистина ме плашат. Еден од нив ми се приближи и ми рече дека ќе добијам куршум в глава ако не се тргнам одовде - раскажува Гафари.

Таа никогаш не очекувала да го работи тоа што го работи. Основните студии ги завршила во Индија, а била и на мастер-студии по економија, кога при посета на домот минатата година фамилијата ја охрабрила да излезе на испит за работа во државните органи. Претседателот Гани ги вовел тие испити за да придонесе за вработување врз основа на заслуги.

Покрај студиите, Гафари е и претприемач и основала популарна радиостаница наменета за жените во Вардак. Гафари се вратила во Индија и таму работела на тезата кога една пријателка ѝ се јавила и ѝ кажала дека кабинетот на Гани објавил на „Фејсбук“ дека таа е именувана за градоначалник на Мајдан Шар.

- Не верував дека воопшто можам да ја добијам оваа работа затоа што јас немам ниту политичка моќ ниту злато. Меѓутоа, кога тоа навистина се случи, знаев дека сакам да бидам овде и да се обидам да го променам општеството - вели таа.

Упорноста на оваа градоначалничка ѝ донела одреден степен на неволно почитување.

- Некогаш ми се чини дека сите се само против жените и кога жената е активна во општеството, можат да ја отфрлат како неморална - вели таа.

Меѓутоа, подоцна на состанок во кабинетот на гувернерот, во врска со изградбата на пат за кој се залага Гафари, таа успеала да добие и поддршка.

- Признајте ѝ ги заслугите. Тој проект беше запрен 12 години, таа е тука еден месец и проектот повторно е започнат. Точно е дека е жена, ама е моќна - рекол еден од присутните мажи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот