X
 26.10.2021 Здравје

Алергиски ринитис и превентивни мерки, советува д-р Насир Муслиу

За превенција на алергиски ринитис, најважно е избегнување директен контакт на носната мукоза со алергените.
Кога алергените не можат да достасаат до носната мукоза, нема симптоми на алергиски ринитис или ако достасаат во помала количина, тогаш симптомите се со помал интензитет.

Како да се постигне ова?

Алергиски ринитис претставува чувствителност на носна мукоза на одредени супстанции, таканаречени алергени, кои однадвор преку дишење достасуваат до неа.



Ваква состојба не се јавува кај сите луѓе, туку само кај тие што имаат генетска предиспозиција.

При контакт на носна мукоза со алергените се јавува силна локална инфламаторна состојба на мукозата на носот манифестирана со:
-силно кивање, неколку пати по ред,
-затнат нос поради носна конгестија,
-ринореа (течење на бистар -воденест секрет од носот)
- чешање на носот, непцето и грлото,
-кашлица,
- чувство на исполнетост и болки во пределот на челото и на јаболчниците
-понекогаш намален осет за мирис,
-црвенило, јадеж и солзење на очите.

Кај некој лица овие симптоми се полесни, додека кај други се многу потешки и сериозно може да влијаат врз квалитетот на животот, влијаејќи врз способноста за извршување на секојдневните обврски на работното место, а кај децата може да се намали концентрацијата на училиште.
Може да влијаат и врз квалитетот на сонот, па болниот станува ненаспан, деконцентриран и уморен.
Понекогаш поради горенаведените симптоми, болните имаат тенденција да се изолираат и од околината.
Најчест предизвикувач на алергиски ринитис е поленот, кој се наоѓа во цвеќињата.
Симптоми на алергиски ринитис од полен се јавуваат секогаш во одреден период од годината, сезонски – напролет и траат неколку недели или месеци.

Главна превентивна мерка на алергиски ринитис од полен е избегнување директен контакт со полен. Тоа се постигнува со:
-да се избегнуваат прошетки во период на топло, ветровито време поради тоа што во тој период концентрацијата на полен во воздух е поголема,
-често проветрување на домашните простории со климатизери со посебни филтри за полен,
-подот на просторијата каде што се седи треба почесто да се чисти со влажна крпа.
-се препорачува во периодот на цветање, кога времето е ветровито, да се држат прозорците затворени.
-за прошетка надвор почесто да се користат дождливи денови, тогаш концентрацијата на полен е помала.

Алергиски ринитис, освен од полен, може да се предизвика и од:
-домашна прашина
-влакна и секрети од животни,
-мувла и др.

Алергиски ринитис од горенаведените причинители е поредок, но може да се јави преку цела година, па затоа и превентивните мерки треба да се преземаат во текот на целата година.

- Кај алергиски ринитис на животински влакна треба да се избегне чувањето домашни миленичиња во станот.
- Кај алергиски ринитис од домашна прашина - треба редовно да се чисти просторот во кој се престојува со влажна крпа, често перење на постелнините на температура над 60 степени, избегнување покривање на подот со тепих.



За да уживаат во природата, лицата што боледуваат од алергиски ринитис:

Треба навреме да се јават на лекар за навреме да се постави точна дијагноза на алергиски ринитис и навреме да се почне со превентивните мерки и медикаментозната терапија.
Дијагноза се поставува врз основа на анамнеза, клиничка слика, лабораториски испитувања, алергиски тестови со кои се одредува алергенот што е причинител на оваа состојба.

Од медикаментозна терапија кај алергиски ринитис од лекови што стојат на прва линија за користење се:

Интраназалните кортикостероиди во вид на спреј (mometason furoat, budezonid, fluticasone) - со моќен локален антиинфламаторен ефект, продолжено задржување во назалната мукоза, безбедни за употреба поради нивна многу ниска концентрација во крвта.
Оралните H1-аntihistaminici (levocetirizin, desloratadin, loratadin, fexofenadin) и др.
Со почитувањето на превентивните мерки, навременото и соодветно медикаментозно третирање алергискиот ринитис може да помине незабележително или со минимално изразена симптоматологија, и без евентуални компликации како отит, синузит, ларинготрахеит, бронхитис и др.

Пишува: д-р Насир Муслиу, специјалист оториноларинголог

Издвојуваме

Здравје