X
 27.02.2019 Култура

Колку вреди најпрестижната награда во светот на филмот?

„Оскарот“, најпрестижната и најценетата награда во светот на филмот, е сон на секој актер. Но, таа златна статуетка, чие доделување го очекуваме со нетрпение секоја година, всушност не вреди повеќе од еден долар.

За сето тоа е виновна една пресуда, но и стриктна одредба на Академијата за филмски уметности и науки, која го одржува изборот на најдобрите во филмската индустрија. Според нивниот правилник, ниеден добитник на наградата не може да ја продава статуетката без претходно да ѝ ја понуди на Академијата за еден долар. На ова правило не му подлежат само добитниците, туку и кое било лице што во наследство ќе добие „Оскар“.

До пред четири години во сила беше одлука од 1951 година според која, проценетата вредност на кипот беше 10 долари, но поради една спорна тужба таа одлука беше променета.

Имено, режисерот Џозеф Рајт својот „Оскар“ го оставил во наследство на својот внук Џозеф Тутало, кој во 2014 година одлучи да го продаде преку аукциската куќа „Брајарбрук“. Статуетката ја купи Нејт Сандерс, основач на аукциска куќа која има продадено повеќе од 30 „Оскари“. Цената на статуетката била 79.200 долари.

Иако оваа статуетка е освоена пред усвојувањето на каква било забрана за продажба на „Оскарите“, Академијата реши да го тужи Тутало. На крајот, судот донесе пресуда во корист на Академијата, а поради оваа спорна статуетка, уште еднаш е променет целиот правилник. Со таа пресуда симболот на оваа престижна награда стана заштитен и според судот, поради своето значење и вредност, никогаш повеќе не треба да стане предмет на трговија.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура