X
 27.02.2019 Економија

Само Германија и Холандија имале голема корист од еврото

Германија и Холандија имале голема корист од еврото во изминатите 20 години, додека во речиси сите други членки на еврозоната единствената валута била значителен товар за економскиот раст, покажува најново истражување.

Истражувањето на германскиот Центар за европски политики покажало дека земјите-членки на еврозоната што ѝ се најсилно предадени на конзервативната фискална политика и кои биле најкритички настроени кон спасувањето на презадолжените земји од еврозоната со пари од даночните обврзници, во текот на тие години имале најголема корист од заедничката европска валута.

Воведено во 1999 година, еврото поттикна бум на кредитите и инвестициите така што предностите од ниските каматни стапки во Германија се проширија во земјите-членки на периферијата од еврозоната.

Проблеми за Грција, Ирска, Шпанија...

Но, тие долгови станаа тешко одржливи по финансиската криза од 2008 година, при што Грција, Ирска, Шпанија, Португалија и Кипар беа принудени да бараат финансиска помош поради забавувањето на растот и недоволното финансирање.

Во периодот од 1999 година за Германците во просек е проценето дека се кумулативно побогати за 23.000 евра отколку што би биле кога би го немало еврото, додека Холанѓаните за 21.000 евра.

Од друга страна, Италијанците и Французите во просек биле посиромашни за 74.000, односно 56.000 евра, покажува истражувањето.

Ирска (една од најбрзорастечките економии) не е вклучена во истражувањето бидејќи недостигале соодветни податоци.


Фото: Pixabay

Што би се случило да не се воведеше еврото?

Авторите на истражувањето, Алесандро Гаспароти и Матијас Кулас, проценуваат како би се развивал бруто-домашниот производ во осум земји-членки на еврозоната доколку на го прифателе еврото за заедничка валута, правејќи споредба на нивниот раст со растот на економиите што немаат евро, а кои порано покажувале слични трендови на раст.

Меѓу економиите со кои е споредувана Германија се Бахреин, Јапонија и Велика Британија, а меѓу оние со кои е споредувана Италија е Израел. Португалија, пак, е споредувана со земји како Барбадос и Нов Зеланд.

Кога станува збор за Грција, податоците покажуваат дека на оваа земја ѝ одело добро до одреден период.

- Во првите неколку години по воведувањето Грција имаше големи добивки од еврото, но од 2011 година трпи енормни загуби - пишуваат авторите.

Во целиот тој период Грците станале побогати за 190 евра во просек.

Со оглед на тоа дека не им беше дозволена девалвација на валутата, со што би си ја вратиле конкурентноста, земјите губитнички беа принудени засилено да спроведуваат структурни реформи, заклучуваат авторите, истакнувајќи ја Шпанија меѓу земјите што се на пат да го анулираат дефицитот кој се насобрал од воведувањето на еврото.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија