X
 27.02.2020 Култура

Сопранот Ѓурѓица настапува на виенската оперска сцена, но сон ѝ е да пее на охридскиот Антички театар

Гојковиќ, која има македонско-српски корени, завршила студии на Конзерваториумот „Рихард Вагнер“ во Виена, а во момeнтов интензивно се подготвува за многубројните претстојни настапи во повеќе земји


Оперската пејачка Ѓурѓица Гојковиќ, која има српско-македонски корени, го живее својот музички сон на виенската оперска сцена.
Завршила студии на Конзерваториумот „Рихард Вагнер“ во Виена, а во момeнтов интензивно се подготвува за многубројните претстојни настапи во Виена, Русија, Бугарија. Таа е постојан член на операта „Крипта Св. Петар“ од Виена.



Младата Ѓурѓица е на почетокот од својата кариера и со гордост раскажува низ светот за своите корени. Таа од најмала возраст имала афинитет кон пеењето, а нејзините блиски велат дека „пее“ од раѓање.
Израсната е на релација Крушевац - Охрид, летните месеци, дел од детството ги поминувала на Сараиште, но и на Античкиот театар и во „Св. Софија“ слушајќи ги врвните музички ѕвезди од класичната музика. Тука ги открила и убавите македонски народни песни, кои ѝ ги пренела баба ѝ Олга со нејзиниот прекрасен сопран. Се всадува љубовта или се будат музичките гени, којзнае? Mузички талентирано е целото семејство, таткото Зоран и мајката Виолета пеат во градскиот Крушевачки хор, а во хор пееле и Ѓурѓица и сестра ѝ Милјана.


Во улогата на Луси во операта „Телефон“

Работа со врвни педагози

Задоена со убавата македонска и српска народна песна и охридските староградски песни, низ вените и струи љубовта кон музиката, а од нејзиното златно грло се разлеваат совршени музички звуци од повеќе жанрови. Набрзо нејзината ориентација кон музиката стана космополитска. Средно музичко училиште завршила во Белград, каде што музичките педагози, восхитени од нејзиниот музички потенцијал, ѝ препорачуваат да продолжи да се школува во Виена, во музичката престолнина на големиот Моцарт.
Таму има среќа да го добие врвниот педагог Силвија Еделман.


Пеела на големите театарски сцени, како Камерната опера во Виена, Златната сала, Оф-театарот

- На почетокот беше тешко. Кога заминав од Србија во 2015 година, веќе бев навикната на тоа бидејќи уште додека бев во средно училиште заминав од дома. Немав многу време да бидам тажна затоа што почна борбата за опстанок во Виена. Приемен испит за музичката академија, учење германски јазик, барање стан и работа. Со безусловна поддршка од моето семејство и со мојот талент и работа, секоја година ми стануваше сѐ полесно и полесно - вели Ѓурѓица.

Раскажувајќи како течело приспособувањето на една млада девојка сама во белиот свет, ни открива дека сонува еден ден да ги освои светските оперски музички сцени. Притоа таа го споделува и сопствениот рецепт како да се успее во зацртаната цел.

- Рецептот е само да се има цeл, концентрација, макотрпна работа и континуиран труд, оптимизам, трпение и се разбира - голема љубов кон музиката.

Настапи во Русија, Австрија, Бугарија...

Веќе ѝ се букирани настапите за оваа година. Во март во Бугарија ќе гостува со улогата на Серпина од операта „Серва Падрона“ од Перголези, а во Виена ќе ја толкува улогата на Луси од операта „Телефон“ од Меноти.




- Исто така, во Виена ќе пеам во операта „Крипта Св. Петар“, каде што сум постојан член, во улогата на Берта од операта „Севилскиот берберин“ од Пучини. Продолжувам во април со настап во Сочи, Русија, како член на хорот од операта „Кармен“. Во јуни следува отворање на бал со познати оперски арии со мојот партнер Жубин Амири - баритон, во дворецот Schloss am Hof, во близина на Виена. Покрај тоа, работам и на многу други проекти во други музички жанрови - вели Ѓурѓица.

Таа се испробува и во џез-музиката, мјузиклот. Открива кога и како почна нејзиното музичко патешествие.

- Почнав со духовна музика кога на 6 години баба ми ме носеше да пеам во детскиот црковен хор „Св. Кнез Лазар“ во Крушевац, каде што бев најмлад пејач. Првпат тука го забележаа мојот талент. Потоа следуваше основното музичко училиште, па средно во Белград и на крај во Виена, каде што живеам и ја градам мојата кариера - раскажува Ѓурѓица.



Таа зборува и за тоа кој музички жанр најмногу ѝ лежи на нејзиниот темпераментот.
- Многу музички жанрови сакам да слушам и да пеам, а најмногу ми лежат за пеење џез и блуз, оперите, но и старите народни песни од Србија и Македонија. Омилени македoнски песни ми се „Зајди, зајди“ и „Дејгиди луди млади години“.

Член е на оперската куќа „Крипта“

Споделува и за чувствата што ја обземаат на сцената и за уметничката трема.
- Се разбира дека имам трема, која е потребна за да ми даде енергија и адреналин затоа што на сцена уметникот се троши и дава енергија за целата публика во салата, па дури и повеќе. Тука се почитта кон композиторот, улогата што ја играм во моментот, чувството и тешката љубов за уметноста што ја носам во душата.

Раскажува за нејзините многубројни улоги во оперската куќа „Крипта“, каде што е член, а дел е и од продукциската куќа „Плус опера“. Пеела на големите театарски сцени, како Камерната опера во Виена, Златната сала, Оф-театарот, Опера „Бург Гарс“...



Ѓурѓица неколку години по ред за Божик настапува со хуманитарен концерт во родниот Крушевац. Пред извесно време се обидела да стапи во контакт со компетентни музичари од Охрид за да пее и пред охриѓани, но за жал не наишла на слух. Таа се гордее со своите македонски корени и на репертоар задолжителни ѝ се македонските народни песни. На листата со желби за освојување на светските оперски сцени ѝ е да настапува и во Охрид, родниот град на мајка ѝ Виолета. Нејзин сон е еден ден да застане на сцената на Античкиот театар во Охрид и со својот сопран да ги направи среќни слушателите.
Подготвил: Валентина Неловска, наш дописник од Охрид

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура