X
 27.03.2020 Здравје

Мобилна болница со 130 легла ќе биде поставена пред Клиниката за инфективни болести во Скопје

Во моментот на Клиниката се хоспитализирани 41 пациент, 7 од нив во потешка здравствена состојба, но сите дишат самостојно, 27 средно тешки и 7 пациенти со поблаги симптоми

Мобилна болница со 130 легла ќе биде поставена пред Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје за да се удвои капацитетот за новите заразени со коронавирус, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција. Во моментот на Клиниката се хоспитализирани 41 пациент, 7 од нив во потешка здравствена состојба, но сите дишат самостојно, 27 средно тешки и 7 пациенти со поблаги симптоми. Стабилна е и состојбата на пациентите во Штип.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови заразени на коронавирус во земјата – 11 во Скопје, 4 во Прилеп, 2 во Куманово и 1 во Тетово. До денеска напладне вкупниот број на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 219 лица и тоа во Скопје, Дебар, Куманово, Штип, Прилеп, Охрид, Велес, Кавадарци, Тетово и во Гостивар. Досега 3 се излекувани и 3 се починати.

Филипче ги демантира сите шпекулации дека ова не е точниот број на заразени граѓани – манипулации се невозможни, а истите бројки се испраќаат и до Светската здравствена организација (СЗО)

Еден од новите случаи е лекар од резервен тим на Клиниката за кардиологија, на дел од клиниката каде што нема пациенти. На Клиниката е направена целосна дезинфекција според пропишаните правила и нема опасност од ширење на вирусот.

- Но ако се покаже дека некој свесно се појавил на работа иако имал симптоми, ќе има санкции, а тоа важи за сите. Сепак, треба да се има предвид дека има и здравствени работници кои несвесно имале контакти со заболени – тестовите покажале дека пациентот е негативен - рече Филипче.

Вчера и денеска се обезбедени вкупно 6.000 заштитни маски кои им се делат на матичните лекари. Во однос на очекувањата, не може да се предвиди како би растеле бројките, но добро е што дневниот број за нови случаи е линеарен (приближно ист) и не расте експоненцијално.

Филипче нагласи дека секоја земја има различен пристап во тестирањето и во лекувањето, но според СЗО, едно е заедничко – социјалната дистанца – тоа сигурно го спречува ширењето на вирусот.

- Сите здравствени установи во земјава имаат патека како да се однесуваат во двете состојби. Ако се почитуваат, нема да има проблеми. Еве, на пример, на Клиниката за инфективни болести каде што се хоспитализираат лицата со коронавирус ниту еден лекар не се заразил – рече Филипче.

Тој нагласи дека сите Македонци што се враќаат од странство не мора да направат тест ако немаат симптоми. Тие поминуваат 14 дена во карантин, а по излегувањето се обврзани уште 14 дена да поминат дома во изолација.
Во Заводот за рехабилитација во Скопје сè уште траат анализи, земени се материјали на 18 вработени.
- Голема е веројатноста од понеделник да работи само амбулантскиот дел - рече Филипче.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје