X
 27.04.2018 Култура

Експлицитна дискриминација во Кина: работа само за убави и тенки жени!

Големите кинески компании, но и јавниот сектор, при огласувањето слободни работни места вршат дискриминација, барајќи мажи или исклучително тенки и убави жени, тврди „Хјуман рајтс воч“.

Компаниите како „Алибаба“, ѕвездата на интернет-трговијата, често објавуваат огласи за вработување со забелешка – „Само за мажи“.

Во извештајот под наслов „Се повикуваат само мажи да поднесат пријави: дискриминација според полот во конкурсите за вработување во Кина“, организацијата „Хјуман рајтс воч“ предупредува дека таквата практика се забележува и во приватниот и во јавниот сектор.

Освен што најголемиот број огласи за вработување преферираат мажи, се објавуваат и конкурси за „понежниот“ пол каде што се бара жените да бидат „допадливи“.

Таквата дискриминација е спротивна на закон, но ретко се санкционира.

Компаниите „Алибаба“, „Tencent“ или „Baidu“ објавувале огласи каде што јасно пропагирале дека бараат машки кандидати.

Освен тоа, „Алибаба“ е обвинета дека го користи физичкиот изглед на вработените во кампањите за вработување затоа што ги претставува како „убавици или божици“.

Компанијата реагираше на овој извештај, изјавувајќи дека кај нив се спроведува политика на еднаквост при вработувањето и дека жените заземаат 47% од вкупниот број вработени, а една третина од нив се на раководни позиции.

Сепак, „Алибаба“ најавува дека внимателно ќе ги разгледа своите огласи за вработување.

„Хјуман рајтс воч“ тврди дека ситуацијата не е ништо подобра ни во јавниот сектор.

Секој петти оглас за вработување во 2018 година содржел одредба „само за машки кандидати“ или „предност имаат машките кандидати“.

Но, во огласите за вработување на машиновозачи од кандидатките се бара да бидат „тенки, убави и да ја следат модата“.

Извештајот се темели на анализа на повеќе од 36.000 конкурси за работни места што биле објавени во периодот 2013 -2018 година.

Фото: Freepik
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура