X
 27.05.2017 Образование

Порака на професорка до нејзините матуранти: „Не го гледајте животот само преку екран - човечкото око има многу повеќе пиксели и бои“

Деновите за матурантите се изброени, а разделбата тешко им паѓа и на професорите кои пронаоѓаат сила на своите ученици за последен пат да им дадат по некој совет и да ги насочат кон понатамошните животни патеки.

Токму ваква порака на своите ученици им остави и професорката по српски јазик и книжевност во средно училиште во Гроцка, Катарина Јовановиќ, освојуваќи ги симпатиите на корисниците на Фејсбук.

Ви ја пренесуваме пораката во целост.

„Почитувани деца, кои денес ве испративме,

Родителите и наставниците направија сè за до овој момент вие да стоите цврсто на нозе. Сега редот ви е вам. Ќе ве водат тие нозе и каде што треба и каде што не треба, да не се лажеме, а сето тоа ви е потребно за да станете луѓе. Сè ќе ви биде ново. Од нешто ќе се плашите (што не би го признале ни за жива глава), нешто ќе ве привлече. Некој ќе ве измами. Фатете го за рака и усогласете го чекорот. Во пар е поубаво и полесно. Паметно изберете, бидејќи сте паметни. Понекогаш, удрете со главата во ѕид, бидејќи така мора. Ѕидот ќе преживее, но и вие. Чувајте се, во случај таму, во становите под кирија и студентските соби, да нема кој да ве чува. Во морето нови лица, не ги заборавајте старите. Стекнете пријатели, но оние старите, проверените, од училишните клупи и од другиот крај на училницата, чувајте ги како очите. Немојте да бидете сами кога сте тажни, ни кога сте среќни. Групните фотографии во секоја деценија ќе вредат повеќе.

Ќе го пронајдете вашето кафуле, вашата клупа, местото во автобусот, местото во читалната, вашата сродна душа. Патувајте што повеќе бидејќи ако не сега, кога!? Животот е краток, а планетата широка. Вратите ви се отворени, животот е пред вас. Одете и на театар, погледнете нешто што досега не сте го гледале. Не го гледајте животот само преку екран бидејќи човечкото око има многу повеќе пиксели и бои. Живот во живо! Вревата од стадионот и инструментите од концертот не се исти преку звучникот. Секоја фиока отворете ја и ѕирнете, во некоја ќе го пронајдете вашиот скриен талент.

Некои ви го украле детството, ви ја стеснале перспективата и ви го девалвирале умот. На земјата ѝ требаат нови луѓе, вие не дозволете да потоне до крај. Појасот за спасување е во вашите раце. Бранете ја со знаење и добро воспитување, амбиција и традиција.

После трубачите и фонтаната, матурската и прославата за збогум, збирките во раце, за наскоро да отворите ново поглавје и индекс. Уживајте во студентските денови бидејќи се прекрасни! Вистинските шмекери во сето тоа успешно ќе се вклопат. Сè може да се постигне. Потсетете се на Меша, Ива, Милош, Исидора, Данило, Борислав, Ернест, Фјодор, Албер, Вилијам, Лава и сите оние мудри книги за кои разговаравме, и ќе ви биде јасно за што станува збор. Кој беше свиткан над книга, тој исправено и правилно ќе оди. Кон што и да се стремите, не ја губете целта од видот. Знаете зошто одите таму. Животот тече, пливајте, секој во свој стил бидејќи поради тоа сите сте толку различни и толку единствени!

 Среќно!“
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование