X
 27.05.2018 Наука

Научниците конечно открија зошто човековиот мозок е толку голем

Човечкиот мозок е непропорционално голем. И додека ова несомнено носи одредени интелектуални предности, „одржувањето“ на големиот мозок е скапо бидејќи бара една петтина од енергијата на телото.

Тоа долго време ги збунува научниците. Додека огромното мнозинство на организми се развива со малку мозок или без него, луѓето делумно го жртвуваат растот на телото за да добијат повеќе церебрален капацитет. Сега конечно е откриено зошто е така.

Човечкиот мозок, сугерираат научниците, се шири главно како одговор на стресот кој го принудувал нашиот вид да трага по храна и засолниште и да го пренесува наученото на потомците.

Шкотски научници објавија труд кој ја оспорува популарната теорија дека нашиот орган за размислување се развил бидејќи социјалната интеракција помеѓу луѓето станувала сѐ посложена. Тие мислат дека всушност се случило спротивното.

-Нашите резултати се интригантни бидејќи укажуваат на тоа дека некои аспекти на посложените општествени односи, најверојатно се последица, а не причина за големиот мозок - вели еден од авторите на истражувањето, Маурисио Гонзалес - Фореро од шкотскиот универзитет „Сент Ендрјус“.

Тој додава дека големината на мозокот веројатно доаѓа од решавањето на проблемите на кои наидувале луѓето во природата, а не од изградбата на општеството.

Мозокот на модерниот човек е три пати поголем од оној на австралопитекусот. Но, „хранењето“ на толку голем мозок луѓето ги чини побавен телесен раст во детството. Потомците на луѓето многу подолго се зависни од своите родители и се многу поранливи од другите животни.

Врската меѓу големината на мозокот и културата

Претходните истражувања открија врска меѓу големината на мозокот и сложените социјални структури кои се опишуваат и како култура. Но, ниедна досега не успеала да заклучи дали тие фактори го поттикнале растот на мозокот или биле негова последица.

Шкотските научници развиле математички модел со кој сакале да утврдат дали еколошките и општествените проблеми имаат влијание на развојот на мозокот и ако да, колку. Модели на мозоци биле соочени со еколошки предизвици како пронаоѓање на лов на лош терен и во лоши временски услови, чување на храната да не се расипе поради жепко време или складирање на вода за време на суша. Пред моделите биле поставени и разни општествени предизвици за да се истражи колку соработката и компетитивноста влијаат на развојот на мозокот.

Интересно, соработката била поврзана со намалувањето на големината на мозокот, велат научнициите, веројатно затоа што поединците можеле да се потпрат на заедничките ресурси и да заштедат енергија.

-Според нашите резултати, тешките еколошки проблеми предизвикале ширење на мозокот, а општествените барања не - вели Фореро.

Но, со оглед на тоа дека и другите видови наидуваат на предизвици во природата, зошто тогаш само човековиот мозок пораснал? Тоа веројатно е поради културата, односно способноста да научат вештини од другите, наместо сѐ да откриваат сами.

-Поради тоа нашата студија сугеррира дека интеракцијата на тешките проблеми во природата и културата се заслужни за толкавата големина на мозокот - нагласува Фореро.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука