X
 27.05.2020 Живот

Зошто костимите на астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен се толку посебни?

Вселенските костими кои астронаутите ги носеа вечерва пред лансирањето на новата мисија на леталото „Crew Dragon“, привлекоа големо внимание. Зошто костимите кои НАСА ги дизајнира со години се толку посебни?

Футуристичките костими во кои вечерва се појавија астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен, изгледаа како да немаа никаква врска со здуваните, портокалови костими кои ги носеа астронаутите на лансирањето на претходната мисија од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.

Кацигите на астронаутите се печатени со 3Д-печатач, а ракавиците се прилагодени за куцање на дигитален екран.

Меѓутоа, нивната основна намена останува иста - да ги заштитат астронаутите од големите промени на притисокот, во моментите кога ќе снема воздух од капсулата. Покрај тоа, вселенските костими осигуруваат астронаутите да имаат доволно кислород и ја регулираат температурата. Комуникацијата со контролата на летање се врши преку кацигата.

Боб Бенкен го облекува костимот

Секој едноделен костим се шие по мерка за одреден астронаут. Зачетникот на дизајнот на вселенските костими е холивудскиот костимограф Хосе Фернандес, кој работеше на филмовите за Капетан Америка, Бетмен и Супермен. Овие костими се направени специјално за носење во капсулата на „Спејс Екс“, со која астронаутите патуваат во најновата мисија на НАСА. Костимите не се дизајнирани за шетање по вселената.

Компанијата „Боинг“ има договор со НАСА да ги превезе астронаутите до вселенската станица со леталото „ЦСТ-100 Старлајнер“. Од компанијата исто така смислиле специјален костим кој ги штити астронаутите од притисокот за време на клучните фази од мисијата - лансирањето и враќањето во Земјината атмосфера.


„Боинг блу“

Костимите „Боинг блу“ се околу 40 отсто полесни од вселенските костими на постарите генерации, кои порано ги носеа американските астронаути. Покрај тоа, тие се и пофлексибилни.

Тие се слоевити за да може да одржуваат оптимална температура. Исто така, тие имаат и ракавици за користење на дигитален екран, па астронаутите во капсулите ќе можат да користат и таблети. Костимите се меки, а кацигата личи на капа со визир, што на астронаутите им овозможува периферен вид, а со самото тоа и подобра прегледност.

Рајсфершлусите во пределот на градите овозможуваат астронаутите полесно да се префрлаат од седечка во стоечка позиција. Во октомври минатата година НАСА го објави изгледот на костимите за двете наредни генерации, смислени за програмата „Артемис“. Од НАСА се надеваат дека ќе успеат повторно да испратат астронаути на Месечината до 2024 година и тоа во вселенското летало „Орион“.

Дизајните претставени во 2019 година

Портокаловиот костим се нарекува „Orion Crew Survival System“, а може да се спореди со костимите на „Спејс Екс“ и „Боинг“. Личи на костимите кои астронаутите ги носат во вселенските бродови, но е полесен. Другиот костим се вика „Exploration Extravehicular Mobility Unit“ и е дизајниран за шетање по површината на Месечината. Многу е поздуван од костимите кои ги штитат астронаутите од притисокот внатре во капсулата.

Причината за тоа е што ваквите костими треба да ги заштитат астронаутите од екстремните промени на температурата - во капсулата и надвор од неа - како и од микрометеоритите и другите вселенски честички. Во таа смисла, овие костими потсетуваат на костимите кои астронаутите порано ги користеа за шетање по вселената на Меѓународната вселенска станица.

Постојат два костима дизајнирани за шетање во близина на Меѓународната вселенска станица. Првиот е рускиот костим „Орлан“ од декември 1977, од еден дел, на кој ранецот се отвора како врата од фрижидер, преку кој и астронаутите го навлекуваат.

Другиот костим е „Extravehicular Mobility Suit“ (ЕМУ), дизајниран од НАСА во 1981 година. Тоа е дводелен костим, составен од горен и долен дел. Овој полукрут костим му овозможува на астронаутот да помине околу 8,5 часа надвор од вселенската капсула.

Астронаутите кои се подготвуваат да заминат на Меѓународната вселенска станица тренираат со двата костима.

Костимите кои астронаутите од мисијата „Аполо 11“ ги носеа исто така беа ЕМУ и беа производ на години работа и истражувања.

Вселенските костими значително се развија во однос на периодот кога рускиот астронаут Алексеј Леонов прв престојуваше во вселената надвор од летало во 1965 година.

Костимот кој го носеше Леонов можеше да се надува при излез во вакуумски простор. Во капсулата можеше да се врати само со издувување на воздухот од костимот, поради што астронаутот можеше да се најде во ризик.

Леталото „Crew Dragon“ ќе биде лансирано вечерва во 22:33 часот, а настанот веќе можете да го следите во живо.


Извор и фотографии: BBC

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот