X
 27.06.2022 Живот

Совети како да патувате без мачнини: Чаеви, лесни оброци, паузи и гледање во еден правец

Кога патуваме течноста во внатрешното уво се вознемирува, што го збунува мозокот, кој прима контрадикторна порака за движењето и положбата на телото во просторот. Затоа се јавува мачнина и на крајот и повраќање

Кинетозата е „болест при патување“, која најчесто се манифестира со мачнини, вртоглавица, главоболка, слабост и на крај повраќање. Од мачнини при возењето најчесто страдаат децата на возраст од 4 до 10 години, но и некои постари лица. Лекарите сметаат дека оваа состојба може да се надмине со неколку едноставни совети. Пред сѐ, избегнувајте прејадување и тешки оброци, како и студени пијалаци, кафе, цигари и сладолед. Доколку додека патувате ви се врти, може да ви помогне чај од камилица, некој обичен сув кекс и вода.

Паузи наместо лекови

На пазарот има голем број лекови кои ги потиснуваат мачнините при патување. Тоа најчесто се антихистамини и антихолинергици и обично се пијат половина час пред патување и го блокираат нагонот за повраќање. Некои експерти не советуваат примена на лекови против мачнини кај деца и наместо медикаменти предлагаат природни средства.

-Тие лекови може да влијаат врз нервниот систем и да создадат неповолни ефекти. Не се препорачуваат за деца помали од 10 години и доколку знаете дека детето не е чувствутелно, подобро е да ги прескокнете. Добро е да се прават паузи при патувањето и во автомобилот да има доволно свеж воздух. Правете мали паузи за да излезете од возилото, да се измиете, кога е топло можете да го намокрите и вратот, да се размрдате - вели епидемиологот Душан Вујоновиќ за порталот Е-клиника.

Што ја предизвикува болеста при патување?


Болеста при движење или патување настанува кога мозокот од системот за рамнотежа сместен во внатрешното уво почнува да прима поразлични дразби од останатите сетила. Оваа болест, всушност, е мал судир меѓу окото и увото. Кога патуваме брзо течноста во внатрешното уво се вознемирува што го збунува мозокот, кој прима контрадикторна порака за движењето и положбата на телото во просторот. Се јавува мачнина, а на крајот и повраќање.

-Никако не купувајте им на децата на попатните станици сладолед, а треба да се избегнуваат и газираните напитоци. Избегнувајте обемни оброци пред патувањето, особено брза храна како плескавици и ќебапи, а не се препорачуваат и млеко и млечни производи, газирани пијалаци, кафе. Најдобро е да се изеде тост и да се испие чај од камилица - вели лекарот.

Помош и најдобра превентива


Зачестеноста на болеста при движење се зголемува со траењето на патувањето, а особено критични се деловите од патот со нагли кривини, угорници и удолници. Мачнините се најчести при пловење со брод, па потоа при возење со автомобил и автобус. Според Вујновиќ, најсигурно превозно средство за лицата склони на мачнини при патување е возот.

Како прва помош и најдобра превентива против мачнини при патување лекарот вели дека се домашните чаеви.

-Чаевите од нане, камилица, кантарион, ајдучка трева или маточина се одличен лек. Го смируваат гастроинтестиналниот тракт и нервниот систем. Се пијат млаки, без додаден шеќер, евентуално со малку мед. Не ги препорачувам ладните засладени чаеви бидејќи го иритираат желудникот, исто како и гумите за џвакање. Добро е да се земе и некој бонбон, на база на билки - вели лекарот.

Намирници од нашите краеви


Постојат многу упатства во кои се советува употребување ѓумбир и чај од ѓумбир, како добар лек против мачнини, но Вујновиќ вели дека тој лично повеќе препорачува намирници кои се од нашите предели.

-Во некои делови од светот луѓето се понавикнати на ѓумбирот и куркумата, но мислам дека на нас повеќе ни одговараат билки од нашите простори - вели тој.

Гледајте во еден правец

Се советува при патување погледот да се насочува во еден правец, да се дремнува, да не се чита, а може да се слуша тивка музика. Лицата кои патат од мачнини треба да седат на предните седишта, доколку е можно, и никако не смеат да седат во правец спротивен од оној на движење. Се препорачува и да се ограничат движењата на главата и таа да се притиска цврсто на седиштето. Почесто пијте по малку вода.

Ако патувате со авион, лекарот советува при полетување да ги затворите очите, и ако е можно, да купите карта за место над крилјата. Ако, пак, патувате со сопствено возило, пред да тргнете паркирајте го под сенка и добро проветрете го. Задолжително проветрувајте го и на паузите.

Извор: eklinika
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот