X
 27.07.2017 Култура

Зошто треба да го учиме германскиот јазик?

Дел од говорот на церемонијата на доделувањето награди на наставниците по германски јазик, во германската амбасада во Лондон, на 12 јули, 2017 година.

„Започнав да учам германски на 13 години и сè уште не знам точно зошто беше љубов на прв звук. Одговорот би морал да биде: извонредноста на мојот наставник. Г. Кинг беше ретка појава во ова англиско приватно училиште кое не се истакнуваше со својата културна ширина: благороден и интелигентен човек, кој во екот на Втората светска војна и понатаму без ограничување ја сакаше Германија, за која знаел дека некаде таму сè уште постои.

Не се приклучил на антигерманската пропаганда, туку избра својот мал клас, упорно и постојано, да го инспирира за убавината на јазикот, неговата литература и култура. Вистинската Германија некогаш ќе се врати, имаше навика да каже. И беше во право: таа се врати.

Зошто за мене беше љубов на прв звук? Во тоа време немаше многу наставници кои на својот клас им пуштаа грамофонски плочи, како г. Кинг. Плочите беа стари, доста драгоцени и за него и за нас, а ги чуваше во кафеави хартиени кеси во торба што ја ставаше во кошничката од неговиот велосипед кога доаѓаше на училиште.

Што беше драгоцено на тие плочи? Гласовите на германските класични актери, кои читаа германска романтична поезија. Плочите малку потскокнуваа, но тоа беше дел од нивната убавина. Во моите сеќавања, тие продолжија да потскокнуваат до денес:

Du bist wie eine Blume – кврц – So hold und schön und… – кврц (Хајнрих Хајне)

Bei Nacht im Dorf der Wächter rief - кврц - (Едуард Морике)

Колку само ги сакав. И научив да ги имитирам, а потоа и да ги рецитирам, со тоа прескокнување. И открив дека јазикот ми одговара.

Ми се допаѓаше и идејата овие песни и јазик кои ги учев да бидат само мои, со оглед на тоа што германскиот не беше популарен предмет и малку од моите соученици знаеја понекој збор освен „Achtung! и Hände hoch!“, кои ги научија од пропагандните филмови.

Но благодарение на г. Кинг, јас бев попаметен. И кога ми се здосади моето англиско училиште, германскиот јазик ми овозможи засолниште. Тоа беше 1948 година. Не можев да одам во Германија, па отидов во Швајцарија и на 16 години се запишав на Универзитетот во Берн.

А во Швајцарија, наместо г. Кинг имав прекрасна наставничка, Фрау Карстен, строга госпоѓа со бела коса и опавче, од Северна Германија, која, исто како и г. Кинг, возеше велосипед седејќи исправено како стрела, додека нејзиното опавче отскокнуваше по грбот.

Затоа, не беше необично, кога подоцна отидов во воена служба, тоа што бев испратен во Австрија. Не беше необично и тоа што откако ја напуштив војската, отидов да студирам германски на „Оксфорд“. А потоа и да го предавам.

Германскиот јазик може да биде многу забавен. Можете да го задевате, да си играте со него. Можете сами да измислите зборови - вистински зборови, само за сопствена забава. Така, „Гугл“ еднаш ми го понуди „Donaudamp-fschiffsfahrtsgessellschaftskapitän“.

Веројатно сте слушнале за шегата на Марк Твен: „Некои германски зборови се толку долги што имаат сопствена перспектива“. Можете да измислувате смешни придавки како што е „мојот-неодамна-од-моите-родители-низ-прозорец-фрлен- 'Плејстејшн'“. А кога ќе се уморите од именките и прилозите нанижани во сложена реченица, можете да се насочите кон беспрекорните песни на Хелдерлин, Гете или Хајне, кои ќе ве опуштат и ќе ве потсетат дека германскиот јазик може да го достигне врвот на едноставноста и убавината, што за многу од нас, го прават јазик на боговите.

И покрај сета своја претенциозност, германскиот јазик ја сака едноставната моќ на едносложените зборови.

За мене, одлуката да се научи странски јазик е израз на пријателство. Тоа е испружена рака. Не е тоа само пат до преговорите. Тоа е начин подобро да те запознам, да ти пријдам, да ѝ се доближам на твојата култура, твоите социјални обичаи и твојот начин на размислување. А одлуката да се предава странски јазик претставува израз на посветеност, великодушност и посредување.

Тоа е ветување дека ќе едуцирате и оспособувате. Но и пробудите; ќе го запалите пламенот за кој се надевате дека никогаш нема да изгасне; дека ќе ги однесете вашите ученици кон знаењето, идеите и откритијата до кои не би дошле без вашата посветеност, трпение и вештини.

Да го цитирам Карло Велики: „Да се има втор јазик значи да се поседува уште една душа“. Можел да додаде дека предавањето на втор јазик значи всадување на уште една душа.

Секако, самата работа на смирување на овие две души на кое било сериозно ниво бара значителна ментална агилност. Нè тера да бидеме прецизни, да се соочиме со значење, да мислиме рационално и креативно и никогаш да не бидеме задоволни, сè додека не го погодиме точниот збор или додека не сфатиме дека таквиот збор не постои и не тргнеме во лов на фраза или парафраза која би ја завршила работата.

Не е чудо што најсовесните уредници на моите романи не се оние чии англиски е мајчин јазик, туку моите преведувачи, кои немилосрдно ги разоткриваат моите тавтологии и фактички грешки - што кај мене секогаш ги има многу. Мојот преведувач на германски знае да биде особено иритирачки.

Во необичен период низ светот слушаме контрадикторни и несфатливи изјави кои доаѓаат од другата страна на Атлантикот. Со чудење се соочувам лице в лице со употребата и злоупотребата на јазикот.

Јасниот јазик - луциден, рационален - претставува егзистенцијална закана за човекот кој војува со вистината и разумот. Тоа е директен напад на неговото замаглување, контрадикции и лаги. За него, тоа е гласот на непријателот. За него, тоа се лажни вести. Бидејќи тој знае, макар само интуитивно, она што ние го плативме со сопствено искуство: дека без јасен јазик нема стандард за вистината.

Тоа за лингвистите е јазикот. Оние што предаваат јазик, оние што ја негуваат неговата прецизност и убавина, се чувари на вистината во опасни времиња.

А ако предаваат германски јазик, треба особено да се ценат затоа што се загрозен вид. Кога и да слушнам некој наш политичар како вели: „Да бидам сосема јасен“, ми доаѓа да полудам.

Предавајќи германски, ширејќи го разбирањето на германската култура и живот, денешните добитници на наградите и нивните колеги помагаат да се балансира европската дебата, да се направи пристојна, да остане цивилизирана.

Тие ќе им предаваат на оние што се најголемото добро на оваа земја: нејзината младина која, со Брегзит или без него - ја гледа Европа како свој природен дом, Германија како свој природен партнер и заедничкиот јазик како нешто што природно ги поврзува“.

После студиите во Швајцарија и отслужениот воен рок, Дејвид Корнвел станува втор секретар на британската амбасада во Бон, а потоа и за британскиот конзул во Хамбург.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура