X
 27.07.2019 Живот

Пет години ја истражувала среќата и утврдила што е поважно од неа

Новинарката и писателка Емили Есфахани Смит пет години испитувала стотици луѓе и читала илјадници страници од психолошки и филозофски книги за да дојде до одговор на прашањето: Дали среќата е најважна?

Ова е дел од нејзиниот говор кој е погледнат речиси 8 милиони пати.

„Податоците покажаа дека барањето на среќата ги прави луѓето несреќни. Она што навистина ме погоди е следното: стапката на самоубиства во светот расте, а во Америка стапката сега е највисока во последните 30 години. Иако животот објективно станува подобар според секој можен стандард, сѐ повеќе луѓе се чувствуваат беспомошно, депресивно и осамено. Постои празнина која ги јаде луѓето и не ја чувствуваат само клинички депресивните луѓе. Порано или подоцна, сите се прашуваме: Дали ова е сѐ што постои? Според истражувањето, она што го предизвикува тој очај не е недостатокот од среќа.

Сето ова ме натера да се запрашам: Како можеме да живееме што е можно поисполнет живот? За да одговорам на тоа минав пет години испитувајќи стотици луѓе и читајќи илјадници страници од областа на психологијата, невронауката и филозофијата. Кога собрав сѐ сфатив дека постојат 4 столбови на исполнетиот живот. Секој може да изгради исполнет живот доколку примени неколку или ги примени сите тие потребни столбови во својот живот.

Првиот столб е припаѓање. Припаѓањето доаѓа од односите со другите, каде те ценат за тоа каков си одвнатре и каде ти ги цениш другите. Но, некои групи и врски ценат погрешен вид на припаѓање: те ценат поради тоа во што веруваш, поради тоа кого мразиш, а не поради тебе. Вистинската припадност потекнува од љубовта. Таа живее во моментите меѓу поединците и тоа е избор - можеш да избереш да ја негуваш припадноста со другите.

Ќе наведам пример. Секое утро мојот пријател Џонатан купува весник од истиот уличен продавач во Њујорк. Но, нивниот основ не се заснова само на купувањето. Тие застануваат, разговараат и еден кон друг се однесуваат како луѓе. Еднаш Џонатан немал доволно ситни пари за весникот, па продавачот му рекол: „Не грижи се, во ред е“. Џонатан инсистирал да плати, па отишол во продавница, купил нешто што не му требало за да има ситни пари, но кога му ги дал парите на продавачот, тој се повлекол. Тоа го повредило. Се обидел да направи добро дело, но Џонатан го отфрлил.

Мислам дека сите ние ги одбиваме луѓето преку ситници, а не ни сфаќаме. И јас го правам тоа. Некогаш поминувам покрај познаник, а не го ни забележувам. Знам да го проверам мобилниот додека некој ми кажува нешто. Ваквите дела ги обезвреднуваат другите. Затоа другите се чувствуваат невидливо и помалку вредно. Но, кога дејствувате со љубов, тогаш создавате врска која поттикнува. За многумина припаѓањето е најзначаен извор на смисла, особено врските со фамилијата и пријателите.

За други, пак, смислата ја прави следниот, втор столб: целта.

Наоѓањето на својата цел не е исто како да се најде работата која те прави среќен. Целта е она што го даваме, а не она што го сакаме. Една сестра во болница ми рече дека нејзината цел е да лечи луѓе. Многу родители ми велат: Мојата цел е да ги одгледам децата. До целта се доаѓа користејќи ја нашата сила за да им помогнеме на другите. Секако, кај многумина тоа се случува преку работата. Тоа е начин за наш придонес и така се чувствуваме потребни.

Третиот темел за исполнет живот исто така е да се издигнеме над самите себе, но во целосно поинаква смисла: возвишеност.

Состојбата на возвишеност ја прават оние ретки моменти кога се воздигнуваме над секојдневните збрки, кога избледува свеста за себе и кога се чувстуваме поврзани со вишата реалност. За некого состојбата на возвишеност се јавува додека набљудува уметничко дело. Други тоа го доживуваат во црква. Од друга страна, јас како писател, тоа го доживувам преку пишувањето. Некогаш толку многу се задлабочувам што губам чувство за време и простор. Овие искуства на возвишеност можат да ве променат. Во едно истражување студенти требало една минутa да гледаат во стебла високи 60 метри. Потоа не биле толку егоистични, дури и покажале великодушност кога им била дадена можност да помогнат на некого.

Припаѓање, цел, возвишеност. Четвртиот столб за исполнет живот кој го утврдив често ги изненадува луѓето. Четвртиот столб е исповедување - приказните кои ги кажувате за самите себе. Создавањето на приказни од настани во вашиот живот дава јаснотија. Тоа може да ви помогне да сфатите како вие сте станале она што сте. Но, често не разбираме дека ние сме писатели на нашите приказни и дека можеме да го промениме начинот на исповедување. Вашиот живот не е само листа на настани. Вашата приказна можете сами да ја уредите, толкувате и прераскажувате, дури и кога сте ограничени со факти.

Го запознав младиот Емека, кој останал парализиран додека играл фудбал. По повредата Емека си рекол: „Мојот живот беше добар додека играв фудбал, а погледнете ме сега“. Луѓето кои зборуваат приказни како: „Мојот живот беше добар, сега е лош“ се анксиозни и депресивни. Таков некогаш бил и Емека. Но, со текот на времето тој почнал да создава поинаква приказна. Неговата нова приказна гласи: „Пред мојата повреда мојот живот немаше цел. Многу се забавував и бев прилично себичен тип. Но, повредата ме натера да сфатам дека можам да бидам подобар човек“. Таа промена на неговата приказна го променила животот на Емека. Откако си ја кажал новата приказна, Емека станал ментор за деца и ја открил неговата цел - да им помага на другите.

Некои луѓе бараат помош кај терапевти, но тоа можете да го направите и сами, размислувајќи за својот живот - како искуствата ве дефинирале како лице, што сте загубиле, а што сте добиле. Истото го направил и Емека. Приказната не можете да ја промените преку ноќ, понекогаш се потребни години и често станува болно. На крајот на краиштата, сите сме страдале и сите се бориме...

Неколку месеци откако дипломирав татко ми преживеа силен срцев удар. Преживеа и кога го прашав за што размислувал додека се соочувал со смртта, рече дека само мислел како мора да продолжи да живее за да може да биде покрај мене и брат ми и тоа му дало сила да продолжи да се бори. Кога примал анестезија за итна операција, наместо одбројување од 10 наназад, тој ги повторувал нашите имиња како мантра. Сакал нашите имиња да бидат неговите последни зборови на Земјата, во случај на смрт.

Мојот татко е столар и суфија. Тоа е скромен живот, но добар живот. Додека се соочувал со смртта имал причина да живее, имал љубов. Неговото чувство на припаѓање во фамилијата, неговата цел како татко, неговата возвишена медитација додека ги повторувал нашите имиња - тој рече дека тоа се причините поради кои преживеал. Тоа е приказната која тој си ја кажува сам на себе. Тоа е моќта на смислата. Среќата доаѓа и заминува, но кога животот е навистина добар и кога сѐ изгледа лошо, смислата ви дава нешто за што можете да се држите.“

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот