X
 27.07.2021 Живот

Папагали во Австралија меѓусебно се подучуваат како да ограбуваат канти за отпад

Австралиските какадуи брзо станаа големи градски птици. Во Сиднеј овие големи, бели и бучни папагали целосно се приспособија на урбаното опкружување, гаснејќи ја жедта во јавните фонтани и барајќи храна на улиците.

Некои дури и научиле како да ги тргаат капаците на кантите за отпад за да се почестат со остатоците. Сега истражувачите забележале дека овој феномен се шири во десетици нови предградија на Сиднеј, а причината за тоа би можела да лежи во учењето на птиците.

Дури и кога жителите на тие подрачја ќе ги блокираат кантите со цигли и камења, папагалите смислуваат начин како да ги турнат тие предмети на земја.

Штом ќе ја отстранат пречката, гладните птици можат со клунот да го кренат капакот, да го потпрат на главата и да одат наназад додека целосно не се преврти.



Оваа вештина сега станала толку распространета во Сиднеј, што истражувачите мислат дека папагалите се имитираат и учат едни од други, што е знак на културна еволуција.

Сомнежот се заснова на стотици опсервации на жителите на градот. Истражувачки тим предводен од биологот Барбара Кламп од Институтот за однесување на животните „Макс Планк“ во Германија собрал 1.396 известувања на жители од 478 предградија на Сиднеј кои забележале вакво однесување при отворање канти. Биле забележани вкупно 338 ограбувања на канти.



Ова уникатна вештина се шири брзо во многу краток временски период, а истражувачите мислат дека тоа е последица на културното учење и усвојувањето на новите вештини од страна на птиците, како и нивно успешно приспособување на градскиот живот.



Сепак, не сите папагали ги отвораат кантите на сосема ист начин, а тоа веројатно зависи од тоа кого имитирале птиците кога ја научиле вештината.

Идентификувањето на културата на животните и нејзиното ширење е предизвикувачка наука и до денес се направени малку истражувања за изучување на научената култура на големите папагали и покрај тоа што овие птици се многу социјални и се многу паметни. Според некои експерти за птици, какадуи се исто паметни како шимпанзата, кај кои исто така има докази за социјално учење и културна трансмисија.

Истражувачите забележале дека обично големите машки папагали се оние што го отвораат капакот најуспешно. Исто така, постарите и поискусни какадуи ги туркале помладите и ги терале само да гледаат.

Всушност, во 90 отсто од случаите кога жителите на Сиднеј забележале папагал кој отвора канта, имало уште неколку птици кои стоеле наоколу гледајќи. Таквото набљудување е можност за пренесување вештина преку социјално учење.

Студијата е објавена во „Сајенс“.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Barbara Klump/Max Planck Institute of Animal Behavior
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот