X
 27.07.2021 Наука

Пред 10 милиони години во околината на Скопје живееле „џиновски“ слонови

За време на своите екскурзии во 1930 година, во околината на Скопје, познатиот и еминентен географ, проф. Петар С. Јовановиќ, во долината на потокот Мали Мост, во близина на селото Нерези (Скопско), во песокливи неогенски наслаги, под тогашен рудник за лигнит, нашол коски и фосилни остатоци од еден вид предок на денешниот слон (Mastodon Angustidens), кој за време на геолошката епоха горен миоцен, поточно во катот тортон (11.608 – 7.246 милиони години), живеел на овие простори и на Балканскиот Полуостров. Мастодон претставува изумрено семејство на слонови, од редот на сурлари, кои првпат се појавиле во текот на миоценската епоха, а изумреле во почетокот на холоцен. Мастодоните биле многубројни и широко распространети во Северна Америка (Mastodon americus), до пред околу 10.000 години, кога изумреле уште многу други тогаш големи цицачи, на крајот на последната ледена доба. Да се навратиме на скопскиот крај. Проф. Јовановиќ во близина на с. Нерези нашол цела долна вилица од мастoдон, која била во строшена форма, и неколку заба, кои подоцна биле испратени во Геолошкиот завод на Универзитетот во Белград на детално испитување. Исто така, над селото Долно Соње, на јужната падина на планината Водно, во кварцен песок бил пронајден заб од мастодон, кој бил испратен подоцна на испитување во Белград.

Врз основа на пронајдените фосилни остатоци на некогашен „праслон“ (Mastodon Angustidens) во близината на с. Нерези, како и наталожувањето на езерските седименти и „заезерување“ на Скопската Котлина и другите котлини во Македонија, можеме да претпоставиме каква била климата во Македонија во тој период, како и нејзината вегетација. За време на горен миоцен, т.е. пред околу 10 милиони години, околината на Скопје имала суптропска клима, а самото живеалиште на дамнешен предок на слон тогаш спаѓало во област на суви степи и ливади со топла клима. Едно потсетување: миоценската епоха траела околу 18 милиони години (23 – 5,3 Ма). На јужната падина на планината Водно (планината ја заплискувале водите на некогашното Скопско Езеро), планинскиот гребен се спуштал во вид на полуостров, кое е продолжение на планината Јакупица. На истата падина, над селото Долно Соње, во кварцен песок, под Марков Камен и Рамниште (740 m), каде што е засечена една езерска тераса од некогашното старо Егејско Езеро, биле пронајдени фосилни остатоци од еден друг вид слон (Mastodon Angustidens forma subtapiroidea), сроден на Mastodon Angustidens, каде што оваа сродна врста се одржала во текот на сарматскиот кат. Пронаоѓањето на Mastodon Angustidens forma subtapiroidea може да сведочи за промени на физичко-географските услови во околината на Скопското Езеро, од премин на области од суви степи и ливади во шумско-мочуришни области.

Фото: igeografija.mk

Интересно е да се напомене дека на другата страна на денешен Вардар, во чакалест песок во „срцето“ на Скопје се пронајдени остатоци на еден вид терциерен предок на денешен носорог (lat. Acaratherium), кој бил „жител“ на овие простори при крајот на горен миоцен, во времето на сарматскиот или меотски кат, а можеби и на самиот почеток на плиоцен. Тогаш околината на Скопје, а и целото Повардарие имало приближно иста клима како што денес владее во тропска Африка, која денеска е населена со слонови, носорози и други африкански сродници и потомци на нашите архаични тропски и суптропски „жители“ од бреговите на некогашното неогено Скопско Езеро. Остатоци од некогашен слон (Mastodon), освен во Македонија, пронајдени се и на другите места на Балканот. Фосилни остатоци се пронајдени на повеќе места во Србија и во Босна и Херцеговина. Во август 2011 година, скелет од мастодон е пронајден во Томиславград во БиХ. Во август 2008 година, рударите во Романија откопале скелет од мастодон, кој бил стар 2,5 милиони години, за кој се верува дека бил еден од најдобро сочуваните скелети во Европа.
Литература:

В. С. Радовановић – Географске основе Јужне Србије, (са 33 сл. у тексту и 1 картом у прилогу) стр. 96, Скопље, 1937.

В. Д. Ласкарев – Mastodon angustidens Cuv. Из околине Скопља и других места Југославије (Гласник Скопског научног друштва), Скопље, 1937.

Автор: Филип Ѓошевски, дипломиран географ на Институт за географија-ПМФ

Извор: igeografija.mk
Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука