X
 27.08.2018 Живот

Колумна: Ако имате моќ, што би направиле за целиот свет?

Сите деца што се оставени сами на улица и во дом би ги зела кај мене дома. На сите би им станала родител

Доколку имате моќ да направите нешто за целиот свет, што би било тоа? Џон Ленон рекол: „Единствено љубовта е вистинска, и единственото нешто што вреди во животот е љубовта“, дали се согласувате со него? Сите луѓе имаат различни мислења и карактеристики, но, според вас, што е она што го исполнува човекот?
Ова беа прашањата што им ги поставував на рандом избрани луѓе изминатава недела. Добив најразлични одговори, некои дури премногу ме зачудија. Ќе почнам веднаш.

Прашање број еден: Доколку имате моќ да направите нешто за целиот свет, што би било тоа?

На ова прашање ги очекував одговорите од типот, мир во светот, да нема болни, сите да се среќни. Истите и ги добив од повеќето на кои им го поставив ова прашање. Нормално, сите посакуваме да завршат војните, да нема болни и да нема тажни лица. Добив и други сосема различни одговори на ова прашање: „Би jа спасил природата и би вовел поголеми мерки за нејзина заштита. Природата е онаа што ни овозможува кислород за дишење, а тој ни е најпотребен“. Имав и сличен одговор: „Би ги исчистил сите отпадоци што се фрлени на несоодветно место и нормално би вовел некој ред кој ќе се почитува за да се задржи чистотата на целата планета“. „Би ги вдомила сите кучиња бездомници“, „Би го натерал светот да се види низ очите на животните“. Една девојка ми рече дека доколку би имала моќ, би измислила патување низ времето. Исто така, еден фин дечко, на изглед, рече дека доколку би имал моќ, би го роботизирал светот. „Мислам дека не постои веќе човештвото. Сите сме роботи на некој начин, така работиме, така чувствуваме, па и така мислиме, сѐ на некој начин е роботски, зошто да глумиме дека сме луѓе, јас би го направил најисправното нешто за светот“.

Прашање број два: Џон Ленон рекол: „Единствено љубовта е вистинска, и единственото нешто што вреди во животот е љубовта“, дали се согласувате со него?

Повеќето од одговорите беа „да“, имаше само неколку што рекоа „не“. На тие што не се согласија со Ленон им побарав образложение. „Едноставно не верувам во вистинска љубов, не верувам во ништо вистинско. Не постои тоа. Денес сѐ им е од корист на луѓето“, „Мислам дека единствено што вреди во животот е да сме здрави“, „Љубовта е хемија, хемијата испарува, па така и љубовта“.



Прашање број три: Сите луѓе имаат различни мислења и карактеристики, според вас, што е она што го исполнува човекот?

Да, секој човек е различно исполнет, сите имаме различни навики, карактеристики, мислења и погледи кон животот. „Мене лично ме исполнува семејството, мислам на потесното семејство, сопругата и децата“, „Исполнет сум кога ќе направам добро дело“, „Кога ги гледам сите здрави и среќни!“, „Мислам дека сите се исполнети кога ќе им се остварат соништата“, „Секое ново утро дочекано со чаша кафенце“. А љубителите на благо на ова прашање одговорија: „Мене лично ме исполнува чоколадата. Мислам дека и на многу други“. Имаше и одговор дека политиката е она што го исполнува човекот. На истово прашање еден човек кажа: „Цело е кога е сѐ, тогаш сме исполнети“.
Нормално е, сите имаме различни мислења и погледи кон животот. Така и одговорите беа различни.

А на сите овие прашања јас би ги дала следните одговори:
1. Сите деца што се оставени сами на улица и во дом би ги зела кај мене дома. На сите би им станала родител.
2. Љубовта е вистинска, но доколку не би биле здрави, никогаш не би можеле да љубиме. Сепак, и јас мислам дека здравјето е она што вреди повеќе.
3. Дефинитивно, дете в скут го исполнува човекот.

Кои се вашите одговори?

Автор: Марија Ванѓеловска (15), ученичка од Охрид

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот