X
 27.08.2018 Живот

Ниеден лош и строг професор не може да го упропасти моето дете колку што можам јас

Кога ќерка ми тргна на училиште, најчудна ми беше помислата дека ќе оди по улиците сама, без мене. И без возрасен. Тоа ми се чинеше некако пребрзо. Скоро излезе од мојата утроба. Не ми се допаѓаше тоа што повеќе нема да имам контрола. Што нема да можам да ја заштитам вo секој момент. Буквално, лошо ми е тоа што нејзиното тело нема секогаш да биде во моите раце.

Мислата на комбето во кое се туркаат деца, иако не знам за ниеден таков вистински случај, не ми дава мир кога не е под моја контрола. Потоа си велам себеси: „Опушти се“ и се трудам да не мислам и ја пуштам сама. Не можам да ја држам под стаклено ѕвоно, колку и да се чини тоа како добра идеја во ова лудо време.

И ние секаде одевме како мали. Други времиња беа 80-тите, ќе рече некој. Не би рекла. Еднаш, кога се враќав од училиште, на некои 200 метри од дома ми пријде еден господин, започна да ми зборува и посегна да ме допре. За среќа, имав огромна чанта на грбот, па не успеа да ме фати.

Секојдневно одев во музичкото училиште со трамвај, од својот осми роденден. Постарите ми велеа да поминувам покрај војниците на стража бидејќи тој пат ми изгледаше побезбеден. Никогаш не ми беше јасно зошто униформираниот млад човек со оружје е побезбеден од тивкиот парк со заљубени парови, но не се бунев. Постарите ги слушав без приговор.

Во ред, понекогаш правев три круга повеќе, а подоцна ѝ се јавував на професорката по клавир дека сум болна бидејќи немав сила за нејзината строгост. Кога не вежбав, се лутеше многу. Во краен бес замавнуваше со што ќе стигнеше по мене. Бележникот, нотите... Никој не прашуваше за тоа. Каква инспекција, правобранител и слично.

Мајка ми секогаш ми велеше дека е добро да се учам на дисциплина. Го завршив целото основно училиште таму. Со добри оценки. И ја прегрнав мојата наставничка на крајот. Таа ми шепна дека не можеше да ја поднесе мојата незаинтересираност, иако бев талентирана.

Ја сфатив многу години подоцна. А и научив нешто - дека тешко може нешто да ме скрши.

Денес професорите се поинакви отколку во наше време. Програмата повеќе бара, децата се преоптоварени. Но јас мислам дека исто е сѐ. Ни полошо ни подобро, за жал.

Мојата наставничка во основно им удираше шлаканици на децата. И тоа едно дете најмногу, кое требаше да добие баш сѐ спротивно од шлаканици. Неговата мајка го оставаше преку ноќ на патот, откако ќе се испијанеше. А тој кутриот доаѓаше на училиште за малку мир, но и таму ја доживуваше истата мизерија.

Во петто одделение масовно добивавме единици и лесни удари со стап по газот бидејќи не бевме добри. Родителите воопшто не се мешаа, не доаѓаа на училиште за да бараат подобри оценки за своите деца бидејќи „тој/таа не сака да губи“ или „не е навикнат/а на четворки и не смее да се разочара и да ја изгуби вербата во училиштето“. Во мое време немаше мобилни телефони за родителите да им се јавуваат на децата за време на одморот и да проверат дали ручекот бил во ред.

Родителите не учеа со нас како денес. Не затоа што не беа грижливи и внимателни или не нѐ сакаа, туку затоа што училиштето беше наша работа. Ако нешто не сфаќавме, ќе се јавеа кај нашиот соученик од одделението кој имаше подобри оценки.

Кога се запишував во средно, мајка ми не се мешаше многу. Не истражуваше квоти, не проучуваше во кое училиште одат подобрите деца... Јас избрав училиште до кое патот одеше преку главниот градски плоштад. Тоа беше главниот критериум. Зарем не е возбудливо да се оди во центарот на градот секој ден?

Инаку, бев прилично послушна. Си доаѓав од излегување во договорениот час, се трудев да се отрезнам до крајот на вечерта или барем мудро да молчам и тивко да одам в кревет откако ќе се вратев дома. Ако имав единица, мудро ја сокривав, тајно одејќи кај другарката да вежбам. Повеќето работи на крајот ѝ ги раскажував на мајка ми.

Најважната работа што ја научив во својот дом е дека семејството е тука за мене. Што и да се случи.

Сепак, постојат правила и авторитети.

Професорката по хемија не сакаше кога се облекував во црно. А јас во црно би можела да се облекувам секогаш. Јас намерно облекував и мартинки на +30 степени, па често добивав единица. За среќа, немаше социјални мрежи за мајка ми да ја стави професорката на „јавно линчување“ за тоа колку таа дискриминира, па за целата ситуација да пишуваат сите веб-страници. А и да имаше, сигурна сум дека немаше ни да трепне на моето жалење дека професорката ме мрази.

После сѐ, денес се сметам за прилично нормална личност. Дури успеав и да завршам факултет. Некогаш имам работа, некогаш немам, но најчесто сум во плус. Без големи психолошки трауми.

Не треба да се плашиме од училиштето и од обврските што доаѓаат со него. Не треба да се плашиме од нови искуства. Единствено што како родител треба да научам е дека моето дете има став, дека треба да му ја поттикнам самодовербата и со мојата љубов да му помогнам да ги преживее тие луди години. Или најубави.

И да ги научиме дека сепак постојат некои правила и дека сепак постојат авторитети што треба да се почитуваат.

Нема строгата наставничка да им го уништи детството, а камоли животот. Нема ни учењето глупости и непотребни факти да ги направи глупави. А ни многуте обврски не убиле некого.

Децата најмногу можеме да ги уништиме ние, самите, кои сме им најблиски. И единствено што сакам е да ѝ ветам на мојата ќерка дека ќе бидам тука за неа. И кога ќе падне. Ќе ја научам како да стане побезболно. Поголемиот дел и онака ќе мора да го направи сама.

Автор: Лада Новак-Страшевиќ
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот