X
 27.09.2017 Наука

Доброто расположение го зголемува ефектот на вакцината против грип

Нова студија покажува поврзаност помеѓу доброто расположение и заштитниот ефект на вакцините за грип. Изненадувачките резултати можат да им помогнат на истражувачите во пронаоѓањето нови начини за зголемување на ефикасноста на сезонските вакцини за грип.

Често се случува вакцините да не бидат 100% ефикасни, не само поради разликите во вирусот што нè напаѓа, туку и поради лицето кое ја прима вакцината и неговиот имунолошки систем. Истражувачите од универзитетот во Нотингем откриле како психолошките фактори и однесувањето може да имаат ефект врз имунолошкиот одговор кон вакцината. Сонот, стресот, физичката активност, расположението, па дури и исхраната се модераторите на имунолошкиот систем, па научниците се обиделе да дознаат колку тие влијаат врз создавањето ефикасност кај вакцината за грип.

Во истражувањето тимот вклучил 138 возрасни лица од 65 до 85 години (постарите лица почесто заболуваат од грип), а вакцина примиле во 2014/15, како и претходната година. Собирањето на податоците започнало две недели пред примањето на вакцината, а биле направени и анализи на крвта за да се провери нивото на антитела, како и стандардните анализи на внесувањето храна и пијалаци, стрес, физичка активност, сон и слично. Испитаниците, исто така, пополниле и прашалник за позитивно или негативно расположение. Во текот на наредните 4 недели учесниците биле следени и секоја недела им биле правени анализи на крвта.

Откако сите податоци биле собрани, тимот открил дека само еден од факторите бил предвидлив за повисоко ниво на антитела во примероците од крвта. Дознал дека поголемото позитивно расположение, во периодот околу вакцинацијата, како и на денот на вакцинацијата, значително придонело за поголеми нивоа на антитела како одговор на вакцинацијата за инфлуенција. Позитивното расположение го подобрува и имунолошкиот систем, па следствено на тоа, и ефектот на вакцината е поголем во борбата со грипот.

Тимот на научници исто така потенцира дека има поврзаност и меѓу позитивното расположение и здравиот начин на живот, па тука станува збор за биолошки пат преку кој имунолошкиот систем и механизмите на мозокот го регулираат нашето расположение.

Научниците сметаат дека овие откритија се одлична појдовна точка за понатамошно истражување на овој ефект. Врз основа на овие информации, експертите советуваат поттикнување на позитивното расположение кај сите што примаат вакцина за грип.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука