X
 27.09.2018 Култура

„Еден месец на село“ на големиот Паоло Маџели премиерно во МНТ в сабота

По 30 години, големиот италијански режисер Паоло Маџели повторно работи претстава во Македонија. Премиерата на „Еден месец на село“, според делото на Иван Сергеевич Тургенев, ќе се случи в сабота во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар. Со оваа претстава ќе биде отворена сезоната во МНТ.

Текстот го преведе актерката Катерина Коцевска, која и гостува во претставата, а улогите ги толкуваат: Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Никола Ристановски, Дарја Ризова, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Сашко Коцев, Стефан Спасов, Нино Леви, Ана Стојановска, како и деца актери.

 
Сашко Коцев и Тина Трпкоска

Директорката на МНТ, Симона Угриновска, истакна дека со претставата овој театар му се приклучува на одбележувањето 200 години од раѓањето на Тургенев.
„Еден месец на село“ е комично-тажна руска приказна која првпат била изведена во 1872 година.
- Значењето на „Еден месец на село“ е во тоа што заедно со „Војцех“ на Георг Бихнер е дело што ѝ става крај на романтичарско-натуралистичката визија на светот во литературата и ги поставува темелите на она што денес го препознаваме како експресионизам. Затоа, тоа се смета за капитално дело на 19 век. Драматургијата следи една аритмија во дејството и таа е шизофрено организирана, но на еден убав начин, а тоа да се работи, не е едноставно - истакна Маџели.

Александар Микиќ

Тој го нарече Тургенев еден од најголемите руски интелектуалци, често нарекуван и „револуционер со перо в рака“, прв руски писател преведен на Запад во огромен тираж. Го привлекол вниманието со „Приказна на еден ловец“ во која го демаскирал руското општество, а тоа го „платил“ со домашен притвор од една година. Токму на тоа мирно место, на еден имот, Тургенев ја напишал „Еден месец на село“. Потекнувал од богато семејство, живеел во Германија, Франција и во Италија и им помогнал на Достоевски и на Толстој да ги платат коцкарските долгови, рече Маџели.
Маџели признава дека се радува што повторно ги сретнал старите пријатели Горан Стефановски, Слободан Унковски, Синоличка Трпкова и Мето Јовановски, а жали што веќе го нема Ненад Стојановски, со кого соработувал во 80-тите години.
Во 1988 година Маџели во МНТ ја поставил „Црна дупка“ од Горан Стефановски. Во Драмски пред 34 години ги режирал „Карамазови“ и „Тетовирани души“.
Сценограф на претставата е Лоренцо Банчи, а костимограф - Мануела Паладин. Значајно место има музиката во живо, компонирана од Љупчо Константинов, за кого Маџели изјави дека е еден од најдобрите уметници посветени на музиката што воопшто ги познава.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура